Не знам колку се сеќавате, ама јас тиква не јадам така самостојно, исто како што не јадам и јогурт, освен во нешто подзатскриено. 😊
Но тиквата во еден ваков десерт не само што ја јадев, туку и не можев да се контролирам! 😊
Ама да не должам многу еве го рецептот.
Состојки:
за кората:
- 150 g бадеми
- 100 g овесни снегулки
- 100 g урми и 100 g суви сливи (киснати во вода бар 2 часа)
- 3 лажици кокосово масло
- 1 лажица путер од лешник (може да ставите каков било путер или да додадете уште 1 лажица плус кокосово масло)
фил:
- 300-400 g печена тиква
- 1 пудинг од ванила (јас го купувам органскиот од ДМ)
- 300 ml млеко (јас користев оризово, може какво било)
- 2 лажици мед
- малку ванила
- 2 лажици кокосово масло.
Подготовка:
Подготовката можете да ја видите на видеото, но како и секогаш еве и краток опис.
За подготовка на кората првин бадемите и овесните снегулки ставете ги во бледнер/процесор да се измелат, а потоа додадете ги другите состојки. Ќе добиете леплива смеса која ќе можете да ја натапкате во плехче за тарт. Ако немате плехче, може и во обично кружно ама направете од страна како обрач. Трик за полесно да го одлепите тартот е плехчето да го покриете со фолија. Може и со хартија за печење, ама некако хартијата не се лепи и ми беше понезгодно за работа.
Пудингот од ванила го варите на стандарден начин, но не со 500 ml млеко туку со 300 ml за да добиете погуста смеса. Во варењето не додавате никаков засладувач. Кога ќе се направи пудингот оставете го на страна малку да се залади, и потоа ставете го во блендер заедно со тиквата, ванилата, медот и кокосовото масло. Изблендирајте додека не добиете густа и хомогена смеса.
Истурете го филот врз кората и наросете одозгора по желба со мелени бадеми.
Иницијално го ставив тартот во замрзнувач 3 часа за да се стегне убаво и за да можам да го исечам на парчиња, потоа го чував во обичниот фрижидер.

Инаку не мора ни да го направите вака како тарт, можете да го направите само филот како пудинг од тиква. Вкусот е феноменален! 😊








