Ова е еден од оние рецепти што можам да ги ставам во категорија special selection. 😊
Овие барови се јадат ладни од замрзнувач, но воопшто не се тврди. Карамел делот излезе совршено добар, кремаст и вкусен.
Потребни состојки:
основа (бисквит дел):
- 200 g мелени лешници
- 1 лажица путер од јатки (каков било)
- 2 лажици мед
- 3 лажици кокосово масло
карамел дел:
- 400 ml кокосов крем/млеко (не домашно, треба да е со полна масленост, јас искористив една лименка од
кокосовото млеко од Кам) - 2 лажици кокосов шеќер (може да се замени и со кафеав нерафиниран, но не со мед затоа што оваа смеса се вари)
- 5 лажици кокосово масло.
чоколаден дел:
- 100 g темно чоколадо
- 100 ml кокосово млеко
- 3 лажици кокосово масло.

Начин на подготовка:
За подготовка на бисквит основата лешниците ги мелев во блендерот, а потоа ги измешав со медот, путерот и кокосовото масло. Смесата убаво се натапкува во плехче. Јас користев правоаголно помало, но може каков било плех.
За подготовка на карамел филот, кокосовото млеко/крем заедно со кокосовиот шеќер и кокосовото масло ставете ги на оган да се соединат и згуснат убаво. Значи на ниска температура го вриев некои 7-8 минути. Смесата е густа, но не е цврста како за пудинг (да не очекувате да стане целосно густа).
Кога ќе го истурите карамел слојот врз бисквитот оставете убаво да се стегне и замрзне, јас чекав можеби некои 3-4 саати. Потоа со нож насеков правоаголни форми, можете и помали коцки, за тоа одлучувате сами колкави сакате да бидат баровите. Моите се можеби големи ама сакав да личат на вистински чоколатца.
Кога ќе направите форми валкајте ги во чоколадниот фил, кој ќе го подготвите така што ќе ги соедините кокосовото млеко, чоколадото и кокосовото масло на тивок оган.
Толку е! 😊

Уживањето во овие прекрасни барови заедно со чаша кафе може да започне. 🙂








