Вегански сладолед од чоколадо и минт за кој ви се потребни само 5 минути. Овој сладолед е одлична здрава варијанта за вкусен десерт затоа што не содржи ни млеко, ниту пак шеќер. Базата на сладоледот се бананите кои му даваат сладок вкус, а дополнителна сладост даваат и сувите урми.
Намирниците кои се излистани подолу се доволни за подготовка на 4 порции сладолед.
Една порција содржи: 232.5 калории, 36.4 g јаглехидрати, 9.1 g масти и 3 g протеини.
Потребни состојки (за 4 порции):
- 3 замрзнати банани
- 100 g темно чоколадо со 70% какао
- околу 70 ml бадемово млеко (или некое друго растително)
- листови свежо нане
- 3-4 суви урми без семка.
Начин на подготовка:
Најпрво во блендер ставете го бадемовото млеко и нането, и убаво изблендирајте. Потоа додадете ги бананите и урмите и продолжете со мешање.
Чоколадото прво стопете го на пареа, па внимателно додавајте го во смесата со постојано мешање (бананите бидејќи се ладни, ако го истурите целото наеднаш ќе стане повторно тврдо и нема да можете да мешате).
Доколку сакате, можете да ставите и неколку ситни парченца од чоколадото.
Кога ќе добиете убава, густа и хомогена смеса, истурете го сладоледот во соодветен сад за замрзнување и оставете во замрзнувач минимум 2 часа.
На здравје! 🙂
Повеќе идеи за здрави десерти, пронајдете тука.








