Подгответе си здрави, домашни сникерс барови!

Споделете со пријателите

Никој не би одолеал на сникерс, но секој би се замислил за празните калории кои ќе ги внесе со само едно чоколатце. За да немате грижа на совест имаме одличен рецепт за подготовка на домашни и здрави сникерс барови.

Инспирација за овој рецепт ни беше видеото подолу, иако нашата рецепта е малку изменета.

Потребни состојки:

  • 150 g урми (киснати во вода минимум 1 час)
  • 1/2 чаша путер од кикиритки
  • 1 мала лажичка ванила вкус
  • 100 g сецкани бели несолени кикиритки (можете да ги најдете во било која подобро снабдена продавница за здрава храна)
  • 50 g сецкани бадеми

за подготовка на кремот:

  • 100 g мелени лешници
  • 2 супени лажици мед
  • 1 супена лажица кокосово масло
  • 1/2 лажичка ванила вкус
  • 2-3 супени лажици какао

Начин на подготовка:

Урмите, путерот од кикиритки и ванилата ставете ги во сецко и блендирајте околу 2-3 минути дури убаво не се соединат. Потоа на смесата додадете ги сецканите кикиритки и бадеми и убаво промешајте дури не добиете убава хомогена смеса. Смесата истурете ја во калапче на мрсна хартија и убаво натапкајте ја.

Посебно подгответе го кремот така што сите состојки заедно ќе ги измешате со лажица. Ако смесата е многу густа можете да додадете 1-2 супени лажици бадемово млеко или вода.

На крај истурете го кремот врз другата смеса и одозгора посолете малку кршени кикиритки. Оставете во фрижидер да се стегне минимум 2 часа. Потоа насечкајте со нож правоаголници и секој индивидуално завиткајте го во фолија. Чувајте ги во фрижидер.

Сите десерти кои ги споделуваме се здрави, но сепак се калорични затоа што јаткастите плодови се едни од најкалоричните намирници. Но, не грижете се за килограмите, бидејќи ако ги јадете во умерени количини овие намирници имаат само позитивни ефекти врз целокупното здравје !!!

Повеќе идеи за здрави десерти пронајдете тука.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *