Овие житни плочки ги направив конкретно за Ана, многу ги сака „baby love“ баровите од ДМ, па сакав да пробам домашна алтернатива на нив. И успеав дефинитивно, затоа што се радува само што ќе спомнам ајде да јадеме барчиња. 😊
Поради јатките и медот погодни се за деца над 1 година.

Добрата работа со овие житни плочки е што можете да ги чувате во замрзнувач и да ви траат долго време.
Јас од дозата на состојки излистана подолу добив околу 25 барови, сепак тоа е индивидуално и ќе зависи од тоа колку тенки и колку големи ќе ги направите. Како и да е, се добива убава количина која може да трае и да биде одлична ужинка и за Вас и за Вашите деца.
Потребни состојки:
- 12 лажици мешавина од 4 вида снегулки (овесни, ‘ржани, јачменови и пченични) – ако немате може да направите и само со овесни
- 3 лажици пченични никулци
- 2 лажици мед
- 2 лажици путер од лешник
- 30 g какао путер (може наместо него да ставите 3 лажици кокосово масло)
- 2-3 лажици вода или може и некој природен сок, пример од лимон или портокал.
Начин на подготовка:
Снегулките и никулците ставете ги во блендер за да станат брашно. Потоа во длабок сад измешајте ги сите други состојки и убаво соединете ја смесата. Какао путерот мора да биде течен, па затоа на ниска температура стопете го. Ако немате какао путер, користете кокосово масло, ќе бидат убави и со него само може малку помеки, но бидејќи ќе се чуваат во фрижидер ова нема да има некое значајно влијание.
Кога смесата убаво ќе ја соедините (треба да направите големо топче), ставете ја на хартија за печење и одозгора ставете уште еден слој хартија. Со сукало пробајте да извлечете тенка кора. Потоа тргнете го слојот хартија одозгора и со нож исечете правоаголни плочки.

Чувајте ги во фрижидер, но во прво време не ги редете една врз друга, првин оставете ги да се стегнат, па потоа може да ги ставите и во помал сад една врз друга. Ако не ви се чека да се стегнат, помеѓу секое барче ставете малку парче хартија за печење.
На здравје! 🙂








