Здрави бисквитчиња со просо, чиа семе и банана

Споделете со пријателите

Просото, но и брашното од просо кое се прави со едноставно мелење на просото се навистина достојна замена за било какво брашно. Другата поголема предност на просото е тоа што не содржи глутен и е погодно за оние кои се алергични. Досега имавме неколку рецепти со просо (колач, пудинг, солени и благи мафини). Денес листата на производи со брашно од просо ја збогатуваме и со овие вкусни и здрави бисквитчиња од просо, чиа семе и банана.

Можете да си ги подготвите во недела и да имате здрава ужина цела недела, како за вас така и за вашите деца.

Потребни состојки:

  • 8 лажици просо
  • 2 лажици чиа семе
  • 2 лажици ленено семе
  • 50 g путер (може да се замени со кокосово масло)
  • 1 банана
  • 2 лажици кафеав шеќер
  • 2 лажици мед
  • по желба ванила или малку рум.

Начин на подготовка:

Најпрвин потребно е од просото да направите брашно. Едноставно ставете го просото во блендер и оставете го да се сомеле. Кога ќе биде готово истурете го во подлабок сад и во блендерот ставете ги двете лажици лен и чиа семе и нив убаво сомелете ги. На крај додадете ги во брашното од просо и убаво измешајте.

Бананата, медот и шеќерот исто така ставете ги во блендер за да добиете убава, густа хомогена смеса. Путерот ставете го да се стопи на пареа. Доколку не сакате путер, можете да го замените со кокосово масло. На крај истурете го путерот и мешавината од мед, шеќер и банана во брашното од просо. Мешајте неколку минути со лажица дури убаво не се соедини. Доколку сакате можете да додадете и малку ванила или рум за вкус, иако не е задолжително. Оставете ја смесата да постои 5-10 минути, тоа е доволно време чиа семето да апсорбира дел од влагата и да ја поврзе смесата. Ќе забележите дека после тие 5-10 минути смесата ќе може лесно да се обликува.

Истурете ја содржината на хартија за печење и со помош на сукало или голема шпатула истенчете ја. На крај со нож насечете на правоаголници или коцки. Ставете да се пече/суши во рерна на 100°С околу 30-40 минути. Колку подолго ги сушите бисквитите, толку покрцкави ќе бидат.

На здравје!!!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *