4 идеи за подготовка на здрав сладолед

Споделете со пријателите

Сладоледот е омилен десерт за сите деца. Здрава варијанта на сладолед е одлично изненадување за вашите најмали. Навистина е едноставно за подготовка, а варијантите и вкусовите можете да ги варирате во зависност од сопствениот вкус.

Се што ви е потребно се калапи за сладолед кои можете да ги најдете во некои од поголемите марките (јас ги купив од Џамбо), но можете да ги најдете и на пазарче.

Денес со вас споделуваме 4 одлични идеи за здраво ледено освежување (погледнете ја сликата погоре).

Варијанта 1

Потребни состојки:

  • 10-тина зрна аронија
  • малку свежа сечкана лаванда
  • 1 лажичка мед
  • околу 100 ml вода
  • 1 лажица сок од лимон.

Начин на подготовка: Ставете ги во блендер сите состојки, убаво соединете ги и потоа наполнете ги калапите.

Варијанта 2

Потребни состојки:

  • 100 ml јогурт
  • малку стевиа
  • 1 лажица мешавина од мелени овесни снегулки, бадеми и ореви
  • сок од половина портокал.

Начин на подготовка: Во калапчето за сладолед првин ставете го сокот од портокал (да зафати околу 1/3 од калапчето), потоа ставете ја мешавината од овесни снегулки, бадеми и ореви и на крај дополнете со јогурт измешан со стевиа.

Варијанта 3

Потребни состојки:

  • 2-3 лажици пудинг од чиа (рецепт)
  • 1 лажица мешавина од мелени овесни снегулки, бадеми и ореви
  • сок од половина портокал.

Начин на подготовка: Во калапчето повторно првин ставете го сокот од портокал, па потоа мешавината од овесни снегулки, бадеми и ореви. На крај дополнете со чиа пудинг.

Варијанта 4

Потребни состојки:

  • 100 ml јогурт
  • 10-тина замрзнати малини или јагоди
  • малку стевиа
  • 1 лажица мешавина од мелени овесни снегулки, бадеми и ореви.

Начин на подготовка: Во блендер или со лажица измешајте ги малините, јогуртот и стевиата. Во калапчето ставете малку од јогуртот со малини, потоа ставете еден слој од мешавината со мелени овесни снегулки, бадеми и ореви и на крај повторно дополнете со јогуртот со малини.

Ставете ги овие здрави ледени десерти во замрзнувач околу 3-4 часа.

Добар апетит!

За прекрасните идеи и слики и благодариме на Елена Ѓорѓиевска.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *