Здрава чоколадна торта со прелив од малини

Споделете со пријателите

Сигурно ви звучи привлечно? И сигурно се прашувате, како тоа чоколадна, а здрава?….Возможно е навистина!

Иако тортата е чоколадна воопшто не содржи шеќер, здрава е и е одлична доколку сакате да ги изненадите најблиските. Се подготвува брзо и навистина е превкусна. Вреди да ја пробате!

Во продолжение рецептот.

Тортата се состои од 3 делови. Првиот дел е основата која се пече околу 20-тина минути. Вториот дел е чоколаден и третиот дел е преливот од малини. За подготовка на кората и чоколадниот прелив ќе ни биде потребно бадемово млеко. Ова млеко се подготвува многу едноставно: 100 грама бадеми се потопуваат во вода и се оставаат да киснат минимум 1 час, може да се остават и преку ноќ. Потоа водата се фрла, бадемите се ставаат во блендер, се додава 250 ml вода и се блендира 2-3 минути. На крај целата содржина се процедува. Течноста која ќе се добие е бадемовото млеко. Остатокот од бадемите никако не го фрлајте, ќе го искористиме за подготовка на кората.

торта 1

Потребни состојки (се наведено подолу + 100 g бадеми за подготовка на бадемово млеко):

За кората:

  • 1 јајце
  • 50 ml бадемово млеко
  • 2 супени лажици јаворов сируп или мед
  • 2 супени лажици кокосово масло
  • остатокот од бадемите кои ги користевме за подготовка на бадемово млеко
  • ½ прашок за печиво
  • 150 g мелени овесни снегулки
  • 100 ml сок од вишна (или било каков сок)

Начин на подготовка на кората:

Јајцето, бадемовото млеко и јаворовиот сируп или медот убаво се мешаат. Во друг сад се мешаат сувите делови односно мелените овесни снегулки, прашокот за печиво и остатокот од бадемите кои ги користевме за подготовка на бадемово млеко. На крај течниот дел го соединуваме со сувиот дел и убаво мешаме. Кога смесата ќе се соедини го дадаваме кокосово масло и уште еднаш убаво промешуваме.

Смесата ја истураме во сад за печење. Најдобро е доколку имате гумен калап или од оние со клип. Но, доколку немате искористете обичен правоаголен но подлабок сад и истурете ја смесата на хартија за печење и печете 20-тина минути на температура од 180 степени. Кога кората ќе се испече прелијте ја со сокот од вишна за да омекне.


Чоколаден дел:

  • 100 g индиски непечени ореви (киснати во вода минимум 1 час)
  • 200 ml бадемово млеко
  • 50 g урми (киснати во вода минимум 1 час)
  • 1 супена лажица рогач
  • 1 супена лажица какао
  • 2 зрели банани
  • 2 супени лажици јаворов сируп или мед
  • 2 супени лажици какаово масло

Начин на подготовка на чоколадниот фил:

Сите состојки се ставаат во блендер и се меша 3-4 минути дури не се добие убава и хомогена смеса.


Прелив од малини:

  • 150 g малини
  • 2 супени лажици чија семе
  • 1 супена лажица јаворов сируп или мед

Начин на подготовка на преливот од малини:

Сите сосотјки се мешаат во блендер и се остава филот 5-10 минути за да добие густина бидејќи чија семето ќе прими дел од водата од малините и сместа ќе стане уште погуста.


Откако кората ќе се испече оставате ја да се излади 5-10 минути, потоа истурете го чоколадниот фил и ставате ја тората во замрзнувач околу 30 минути до 1 час за филот да се стегне. На крај врз чоколадниот фил истурате го преливот од малини и повторно ставате ја тортата во фрижидер. Декорирајте по желба.

На здравје!!!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *