Сладоледот е омилен десерт за сите деца. Здрава варијанта на сладолед е одлично изненадување за вашите најмали. Навистина е едноставно за подготовка, а варијантите и вкусовите можете да ги варирате во зависност од сопствениот вкус.
Се што ви е потребно се калапи за сладолед кои можете да ги најдете во некои од поголемите марките (јас ги купив од Џамбо), но можете да ги најдете и на пазарче.
Денес со вас споделуваме 4 одлични идеи за здраво ледено освежување (погледнете ја сликата погоре).
Варијанта 1
Потребни состојки:
- 10-тина зрна аронија
- малку свежа сечкана лаванда
- 1 лажичка мед
- околу 100 ml вода
- 1 лажица сок од лимон.
Начин на подготовка: Ставете ги во блендер сите состојки, убаво соединете ги и потоа наполнете ги калапите.
Варијанта 2
Потребни состојки:
- 100 ml јогурт
- малку стевиа
- 1 лажица мешавина од мелени овесни снегулки, бадеми и ореви
- сок од половина портокал.
Начин на подготовка: Во калапчето за сладолед првин ставете го сокот од портокал (да зафати околу 1/3 од калапчето), потоа ставете ја мешавината од овесни снегулки, бадеми и ореви и на крај дополнете со јогурт измешан со стевиа.
Варијанта 3
Потребни состојки:
- 2-3 лажици пудинг од чиа (рецепт)
- 1 лажица мешавина од мелени овесни снегулки, бадеми и ореви
- сок од половина портокал.
Начин на подготовка: Во калапчето повторно првин ставете го сокот од портокал, па потоа мешавината од овесни снегулки, бадеми и ореви. На крај дополнете со чиа пудинг.
Варијанта 4
Потребни состојки:
- 100 ml јогурт
- 10-тина замрзнати малини или јагоди
- малку стевиа
- 1 лажица мешавина од мелени овесни снегулки, бадеми и ореви.
Начин на подготовка: Во блендер или со лажица измешајте ги малините, јогуртот и стевиата. Во калапчето ставете малку од јогуртот со малини, потоа ставете еден слој од мешавината со мелени овесни снегулки, бадеми и ореви и на крај повторно дополнете со јогуртот со малини.
Ставете ги овие здрави ледени десерти во замрзнувач околу 3-4 часа.
Добар апетит!
За прекрасните идеи и слики и благодариме на Елена Ѓорѓиевска.








