Home Рецепти Здрави десерти Бомбици со суво овошје

Бомбици со суво овошје

140
0

Рецепти за бомбици имам многу и баш од сè можат да се направат, само треба да се внимава да се подеси односот на состојките за да ја добиете онаа потребна густина и да можете да ги обликувате.

Ана навистина многу обожава вакви ужинки, па затоа секој момент го користам да направам нешто вкусно што ќе може да стои и да го имаме како опција за здрава закуска.

Овие бомбици ги правевме заедно. 😊 Децата навистина уживаат кога се вклучени во секојдневните “возрасни работи”.

Бомбиците не се нешто генијално, но бидејќи вкусот и односот на состојките навистина ми се погодија решив да го запишам рецептот.  

Состојки:

  • 50 g суви кајсии
  • 50 g сува брусница
  • 50 g суви урми
  • 50 g непечени бадеми
  • 50 g непечен сончоглед
  • 100 g овесни снегулки
  • 1 лажица какао
  • 3 лажици кокосово масло.

Подготовка:

Сувото овошје го потопив во вода и го оставив да покисне едно 2 часа сигурно. Бадемите, овесните снегулки, сончогледот и какаото ги ставив во блендер за да станат брашно и да се соединат. Потоа во бледнерот го додадов и накиснатото суво овошје и кокосовото масло. Блендирав многу кратко затоа што смесата е доста густа, па нема поента да го мачам блендерот. Само колку да соедини сè, и да немате суви делови, а можете да му помогнете на блендерот и со една голема лажица да измешате.

Формирајте топчиња и валкајте ги во што сакате. Може и да не ги валкате бидејќи и така се вкусни. Јас дел ги валкав во какао, дел во мелени лешници, на некои им ставив домашна нутела одозгора, а на некои путер од јатки.

Од убаво поубаво! Денес појадокот ми беше 3 од нив заедно со јаболко и домашен сок од аронија, слива и ризбизла без шеќер.

Едвај ја чекам Ана од градинка да проба што си направила сама! 😊

Ве предизвикувам и вие да засукате ракави, и да направите здрава ужинка за целото семејство. Добар апетит! 🙂

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here