Краткиот одговор на ова прашање е ЗАВИСИ.
Сега ќе се обидам ова малку да ви го објаснам со цел да создадете една слика во себе за сите тие “прекршоци”.
Факт е дека не можеме да живееме 100% опседнати за секое едно залче кое го внесуваме, и тоа во суштина не е ни убаво. Треба да научиме да уживаме во животот и да ги балансираме нештата.
Дали сè ќе падне во вода ако прекршите едно правило од режимот ќе зависи како ќе се однесувате потоа.
Запомнете дека тие 2, 3 или 10 килограми кои ги имате вишок не се поради тоа едно чоколатце кое го изведовте лани. Туку тие се резултат на подолготраен калориски суфицит во текот на некој одреден период. Во тој период вие ниту сте внимавале што јадете, ниту пак сте се труделе да бидете физички активни.
Од друга страна, чувството да бидеме беспрекорно дисциплинирани е одлично, но не треба да се обвинувате себе си ако изедете малку повеќе од што е потребно ако тоа е навистина ретко.
Запомнете дека храната е уживање, таа е дел од секоја веселба која ја приредуваме. Дали сте виделе некаде свадба, роденден или празник без храна? Не, не и не! Затоа што храната ни дава совршено задоволство и не поврзува социјално.
Убаво е да излезете и да јадете пица со пријателите некогаш, но не е убаво да јадете пица секоја втора вечер и заедно со неа да пиете плус пиво или кока кола на пример.
Проблемот со прекршување на диетета или режимот е веќе вистински проблем ако тој се претвори во повторливи грешки цел ден, цела недела и така натаму…
Многу е важно да не ја заборавите својата цел во тие моменти, и да продолжите таму каде што сте застанале. Еден оброк нема да ве извади од рамнотежата, но еден ден, една недела или месец ќе ве извадат многу.
Друга значајна работа е активноста. Јас тргнувам од себе, во оние денови кога знам да изедам повеќе од вообичаено, сето тоа го балансирам со добар тренинг пред или потоа. Исто така, доколку знам дека дента сум изела повеќе од вообичаено, многу често после некој таков обилен оброк правам фастинг од 18 часа, и веќе следниот ден јас сум повторно на истата точка.
Сите овие години научив совршено да балансирам меѓу здравата исхрана, вежбањето, и сите оние оброци кои не се 100% здрави, а сепак ги сакам.
Јадам здрава храна и здрави и нутритивни оброци повеќе од 90% од времето, но не се чувствувам лошо ако ретко понекогаш изедам парче пица или еден ред чоколадо.
Живејте го животот со позитивна енергија и најдете го балансот кој ќе ве одржува во рамнотежа 😊
Ви испраќам љубов на сите ♥️








