Овие колачиња требаше да бидат колач/пита ама некако смесата беше идеална за колачиња и да бидам искрена не се излажав 😊
Вкусни се и нутитивно богати. Бидејќи го содржат зрното од пченица во целост изобилуваат и со растителни влакна.
Се подготвуваат навистина лесно и брзо, а можат да стојат подолго и да ги имате како одлична здрава опција за појадок неколку денови.
Потребни состојки:
- 400 g цели зрна пченица (пченицата треба да биде сварена или кисната во вода, но минимум 24 часа)
- 1 јајце (ако не сакате јајце може да замените со 2 лажици мелено ленено семе измешано со 5-6 лажици вода)
- 80 g сирење
- 2-3 лажици павлака
- 1 мала лажичка сол
- 5 лажици маслиново масло
- 2 лажици семки од тиква
- 2 лажици интегрален сусам
- некои зачини по желба (јас ставив малку оригано)
Начин на подготовка:
Јас ги правев од кисната пченица, но доколку ја киснете во текот на тие 24 часа измијте ја еднаш и сменете и ја водата. Доколку сакате побрзо можете да ја сварите. Или пак трета опција е да ја киснете преку ноќ па следен ден малку да ја обарите. Самата пченица има подебела лушпа па и треба подолго време за да омекне.
Кога ќе биде готова ставете ја во блендер заедно со јајцето, павлаката, семките, сусамот и маслиновото масло. Блендирајте додека не добиете густа еднолична смеса.
Смесата е густа, но кај мене се блендираше лесно. Ако имате помал блендер можете да блендирате на делови или пак да ставите 2 јајца, па на крај густината да ја подесите со додавање 2-3 лажици овесни снегулки.
Кога ќе ја соедините целата смеса изрендајте го сирењето и измешајте со лажица. Ќе добиете густа смеса од која лесно ќе се прават топчиња. Секое топче потиснете го одозгора да го направите колаче и ставете го на хартија за печење.
Јас дополнително одозгора врз секое колаче наросив малку сусам. Ги печев во загреана рерна на 160-180˚С околу 15-тина минути. Но проверувајте, ако ви е послаба рерната може ќе треба подолго или ако ви е појака намалете на помалку степени. Кога ќе заруменат тогаш се готови.
Можат да се комбинираат со хумус, павлака, гвакамоле заедно со било каков свеж зеленчук. Совршени се!










