Знаете дека обожавам намази и дека често правам. Хит ми се путерите од јатки кои секогаш ги имам дома, но не ретко правам и солени намази. Од солените намази најмногу си го сакам песто намазот, но не го правам често затоа што кога имам песто во фрижидер го јадам и за појадок и за ручек и за вечера 😊 немам контрола 🤪
Рецептот за намазот кој сакам да ви го споделам е многу едноставен и може да се направи во било какво блендер затоа што состојките се влажни, а плус се додава и лимонов сок и масло.
Намазот е НЕОДОЛИВО кремаст, многу вкусен и може да е комбинира во многу оброци. Еве ви некои идеи:
- на интегрално лепче со семки, малку сусам и краставица или друг зеленчук;
- со интегрална тортиља, парче марула и малку кашкавал како врап;
- со тестенини, печурки и брокула;
- со некои солени вафли/палачинки/тостерки;
- како ужинка можете едноставно да го мачкате на тркалца краставица или на некој друг зеленчук.
А сега да преминам на главното 😊
Потребни состојки:
- 100 g непечени и несолени индиски ореви
- 100 g непечен и несолен сончоглед
- 100 g варени моркови
- 100-120 ml маслиново масло
- сок од 1 лимон
- 2-3 чешниња лук
- 1 лажичка сенф
- сол, малку куркума и бибер.
Начин на подготовка:
Индиските ореви и сончогледот треба да бидат киснати во вода минимум 2 часа. За побрзо можете да ги покиснете во потопла вода.
На крај процедете ги, измијте ги и ставете ги во блендер заедно со сите други состојки.
Блендирајте додека не добиете густа смеса како паста.
Складирајте го намазот во стаклена тегличка и чувајте го во фрижидер. Мислам дека 6-7 дена може да стои без проблем (ама ако остане толку денови 😊).

За подготовка ви се потреби 5 минути а добивате вкусен, здрав и нутритивен намаз кој може да ви се најде како опција во повеќе оброци.
Најважно ми е што Ана го одобри 😍
_________________________________________________________
Гответе со љубов затоа што тоа е најважниот зачин кој го дава финалниот вкус на секој оброк ❤









