Најчесто најубавите рецепти ги правам многу спонтано. Овој колач требаше да биде питата од просо со сирење и јајце што ја правам задолжително еднаш неделно, но наместо тоа излезе преубав благ и совршено вкусен есенски колач.
Состојките иако се неколку се прилично едноставни и сигурно ги имате дома. Подготовката е лесна, а финалниот резултат фантастичен.
Потребни состојки:
- 120 g просо
- 3 лажици пире од јаболка (може наместо пирето да се стави 1 пасирана банана)
- 2 лажици путер од јатки (било каков)
- 3 лажици кокосово млеко (јас ставив пак од тоа од Кам, може да се стави и јогурт или млеко)
- 3 лажици кокосово масло (може да се замени со маслиново масло)
- 100 g кокосови трошки
- 5 лажици овесни снегулки
- 2 лажици мед или било какво засладувач (може и стевиа)
- ½ лажичка цимет
- фил: џем од сливи без шеќер и мелени ореви (можете да ставите било каков џем).
Начин на подготовка:
Просото треба да биде сварено, но јас секогаш пред варење го киснам 2-3 часа минимум, но најчесто и повеќе, потоа водата во која се киснело ја фрлам, ставам нова вода и го варам на тивко. Кога е веќе киснато се вари прилично брзо, за некои си 7-8 минути е веќе готово.
Кога просото се свари го ставив во цедалка за убаво да му се исцеди водата.
Потоа го префрлив во блендерот и го додадов путерот од јатки, пирето од јаболка, кокосовото млеко и медот. Блендирав убаво додека не се доби убава и хомогена смеса. Потоа во таа смеса ги додадов кокосовите трошки, кокосовото масло, овесните снегулки и циметот.
Користев помало плехче и го ставив колачот да се пече во загреана рерна на 170˚С 15 минути и потоа уште 30-тина минути на 120-130 ˚С.
Сепак, кога сме кај печење секој си ја знае својата рерна и знае како и колку му пече. Внимавајте да не го прегорите, но не го вадете пребрзо затоа што ќе остане влажен. Самиот колач на крај има некоја сочност не се чувствува дека е испечен.
Кога ќе се олади премачкајте го одозгора со џем од сливи и наросете мелени ореви или било какви други јатки.
Совршенство е!!! Вкусот не се опишува, се доживува 🙂
И направете си дупла доза зошта кај нас веќе нема 🙂
Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.