Сникерс тарт

Споделете со пријателите

Многу одамна сакав да направам тарт ама имав проблем што немав тавче за тарт 😊

Конечно минатата недела си купив и бев нетрпелива да се пробам. Финалниот резултат беше нешто неверојатно чоколадно, фантастично и кремасто. Искрено и сама се изненадив колку успешен ми излезе рецептот.

Дијаметарот на тавчето на дното е 22-23 cm, а на горниот проширен дел е околу 27-28 cm. Инаку, ова можете да го направите и во некое кружно плитко плехче само што ќе ги нема наборите.

Потребни состојки:

кора:

  • 170 g брашно од хељда (може да се замени со интегрално пченично брашно)
  • 80 g путер
  • 3 лажици кокосово шеќер
  • 1 јајце
  • 1 лажица какао

фил:

  • 400 ml кокосово млеко (јас пак искористив од тоа од Кам, битно е да е полномасно)
  • 200 g темно чоколадо со минимум 75% какао
  • 3 полни лажици путер од кикиритки
  • 3 полни лажици мелени кикиритки (ова не е неопходно, но ако сакате кранчи ефект ставете)

Начин на подготовка:

За подготовка на кората измешајте ги првин брашното, шеќерот и какаото. Потоа во таа смеса додадете го путерот насечкан на коцки и малку омекнат на собна температура. Со рацете пробајте да ја соединувате смесата и да го мешате брашното и путерот. Кога делумно ќе биде соединето додадете го јајцето. Ако не сакате јајце можете да додадете 3-4 лажици вода. Кога се убаво ќе се соедини треба да направите едно топче кое нема да се лепи на рацете. Ставете го вака подготвеното тесто во фрижидер 30 минути. Потоа во плехчето за тарт ставете малку масло и насипете малку какао па ставете го топчето и полека со рацете или со некоја поголема лажица почнете да го растегнувате низ цела површина. Можете и со сукало, но мене вака ми беше полесно.

Печете ја кората 7-8 минути на 180˚С, но проверувајте зошто навистина брзо се пече.

За подготовка на кремот ставете го кокосовото млеко и чоколадото на тивок оган и убаво соединете ги, во оваа смеса на крај додадете го путерот од кикиритки и мелените кикиритки и истурете го кремот врз кората. Одозгора јас си наросив уште малку мелени кикиритки.

Оставете го тартот во фрижидер да се стегне и олади (во обичниот не во замрзнувач).

И тоа е тоа 😊 Лесно, брзо, а превкусно 😊

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *