Одличен предлог за вкусен нискокалоричен ручек.
Бидејќи тиквичките пуштаат вода ги насеков на долги ленти, ги посолив и ги оставив на хартија за бришење па потоа малку ги натапкав за да го соберам вишокот вода, иако пак пуштија сепак воопшто лазањата не беше водена.
Состојки:
- две поголеми тиквици
- 1 главица кромид
- 3 пиперки
- 1 поголем морков
- 2 поголеми домати
- 200 g шампињони
- 7-8 маслинки
- малку младо лукче
- магдонос
- 2-3 лажици маслиново масло и сол
- 180 g или еден цел грчки јогурт
- 2 јајца и 50-тина g кашкавал.
Подготовка:
Тиквичките ги насеков на ленти и ги посолив како што ви пишав погоре. Во тавче што не лепи го ставив маслото и ситно го насечкав кромидот, морковот, пиперките , шампињоните и маслинките и ги динстав додека убаво не омекнаа. Самиот зеленчук си пушти вода па си се правеше во сопствениот сок. Кога малку омекнаа ги додадов доматите но изрендани (можете и во блендер, а може да ставите и доматно пире). Го оставив сето тоа на оган додека убаво не испари сета вишок вода и на крај додадов малку сол, свежо ситно исечкано лукче и малку магдонос.
Во огноотпорен сад првин ставив малку од смесата од зеленчукот па наредив тиквици, па пак од сместа, па 1-2 лажици грчки јогурт, па пак тиквици и се така додека имав. На крај завршив со смесата од зеленчук. Ставив да се пече и тоа првин на повисока температура на 200-220°С околу 10-15 минути и потоа намалив уште 10-тина минути на потивко. Кога видов дека доста од вишокот вода испарила прелив со 2 изматени јајца и наросив со кашкавал.
Вратив во рерна уште 7-8 минути.
Ќе добиете доволно за 3 супер порции.
Нутритивни вредности по порција:
- 436 калории
- 27.5 g јаглехидрати од кои 8.2 g влакна
- 27.5 g масти од кои 8.3 g заситени
- 25 g протеини.








