Имам правено баутни коцки и друг пат, ама сега купив од кокосов крем и сакав да го искористам баш за ова.
Подготовката беше многу лесна и брза.
Состојки:
- 60 g кокосови трошки (тие најобичните што се 20-30 денари за 100 g)
- 40 g еритрол (јас имав само 20 g еритрол и додадов уште 20 g кокосов шеќер, еритролот ми е купен од Моринга здрава храна во Аердром)
- 60 g кокосов крем – јас го купив од Тинкес (можете да го видите како изгледа на видеото)
- 60 g кокосово брашно
- 30 g кокосово масло
- за прелив: 100 g темно чоколадо + 2 лажици кокосово масло
Подготовка:
Во длабок сад ги мешате кокосовите трошки, еритролот, брашното и потоа го додавате кокосовиот крем и масло и убаво соединувате. Смесата е многу сипкава и во прв момент мислев дека тоа ќе ми биде пропаднат рецепт, но кога ќе ја натапкате смесата во калапче (јас користев калапи за лед) и ќе ги оставите коцките само 30 минути во замрзнувач ќе добиете многу цврсти коцки кои потоа ќе ги валкате во стопеното чоколадо.
Чоколадото го стопив со 2 лажици кокосово масло и секоја коцка ја валкав во него. Одозгора наросив малку кокос и пак вратив во замрзнувач уште 10-тина минути.
Значи вистински баунти вкус дефинитивно, ако сте љубители на овие чоколади како мене ова е дефинитивно најсоодветната здрава замена.
Согласно големината на моите калапи јас добив 10 баунти коцки.

Нутритивни вредности во една баунти коцка (ако добиете 10):
- 168 калории
- 4.2 g јаглехидрати
- 15 g масти
- 2.7 g протеини
- 3.4 g влакна
До следно готвење 🙂








