Ова е одличен здрав десерт и за големи, и за мали. Времето кое ми беше потребно за подготовка е нешто помалку од 10 минути.
Ана ги обожава, сама го отвара фрижидерот за да си земе. Вчера изедете дури 3, а денес 2! 😊

Состојките се едноставни, а од оваа количина јас добив 16 барови:
- 200 g овесни снегулки
- 100 g јаткасти плодови по желба (јас користев микс од лешници, бадеми и индиски ореви)
- 50 g сусам
- 100 g суво грозје (киснато во вода барем 2 часа)
- 100 g суви урми (киснати во вода барем 2 часа)
- 1-2 лажици мед
- по желба за вкус можете да ставите и ванила (јас не ставив).
Начин на подготовка:
Овесните снегулки, јаткастите плодови и сусамот ставете ги во блендер. Кога ќе се соединат и ќе станат брашно додадете ги киснатите суво грозје и урми и медот, и кратко бледнирајте. Смесата е густа, така што можете да мешате и со рака или дрвена шпатула. Кога сè убаво ќе се соедини истурете ја смесата во некое коцкасто или правоаголно плехче, и израмнете ја одозгора. Ставете во замрзнувач за да се стегне, и после половина час извадете и исечете правоаголни форми.
Совршено слатко задоволство особено за мали рачиња. 😊
Јас ги чувам во замрзнувач за да останат свежи повеќе денови, но можете да ги чувате и во обичниот фрижидер.
Добар апетит!








