Home Рецепти Здрави десерти Чоко-малина raw торта

Чоко-малина raw торта

157
0

Традицијата вели дека кај нас за родендени се прави исклучиво торта дома. 🙂

Славеник овој пат беше тато Дарко.

Прв пат мерев колку точно време ми беше потребно за подготовка на тортата. За подготовка на двата слоја со кората и чоколадниот дел ми требаа 20 минути, за слојот со малина уште 15 минути и 7 минути украсување. Секако за да е толку брзо, претходно сè ми беше добро подготвено и организирано. 

Инаку рецептот може да се направи и со замрзнати малини, ама пред да почнете одмрзенете ги и фрлете го вишокот вода. Исто така може да се направи и со друго овошје, на пример со јагоди, вишни или пак боровинки, па дури и со праски или кајсии. 

Состојки: 

кора:

  • 200 g овесни снегулки
  • 100 g лешници
  • 200 g урми (киснати во вода околу 2 часа)

чоколаден дел:

  • 250 g непечени индиски ореви (киснати во вода минимум 2 часа)
  • 30 ml кокосово млеко (обично ставив не полномасно)
  • 3 лажици мед
  • 3 лажици кокосово масло
  • 100 g темно чоколадо
  • 200 g свежи малини

последен малина слој:

  • 500 g свежи малини
  • 10 g агар-агар (може да го замените со 30-40 g чиа семе)
  • 50 g кокосов шеќер.

Подготовка: 

За подготовка на првиот слој, во процесор ги ставив првин снегулките и лешниците, а потоа ги додадов урмите. Блендирав додека смесата не се соедини убаво, станува густа и леплива. Ја натапкав убаво во кружно плехче со обрач. 

За подготовка на вториот слој ставив сè во процесорот освен чоколадото и малините. Блендирав малку подолго за да стане кремасто. Кога убаво се соедини ја додадов чоколадата (претходно стопена) и блендирав уште пола минута. На крај ги додадов малините и измешав со лажица за да останат цели. Го истурив овој слој врз кората, и го оставив преку ноќ во замрзнувач.

За последниот дел, ги ставив малините во тенџере и го додадов кокосовиот шеќер, го ставив на оган и кога почна да врие мешав интензивно. Од самата топлина се распаднаа малините и почна смесата да наликува на мармалад. Кога веќе вриеше го додадов агар-агарот и на тивко оставив да врие уште 4-5 минути. Потоа ја истурив оваа смеса врз чоколадниот слој и оставив да се стегне, но сега во обичниот фрижидер. Брзо гелираше и веднаш потоа си украсив со свежи малини, рибизли, стопено чоколадо и мелени лешници. 

Тортата ја чував во обичниот фрижидер.

До следно готвење! 🤍

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here