Рецепти за бомбици има многу и јас често споделувам затоа што се најпрактичната и најлесната ужинка. Можете да измешате буквално сè што имате во добар сооднос за да ја добиете потребната густина и да направите топчиња.
Практични се за носење на работа или каде и да одите. Можете да си ги замрзнете, па да имате здрава ужинка дури и 2 недели. 😊

Потребни состојки (за околу 20 бомбици) :
- 180 g јаткасти плодови (јас користев мешавина од непечени бадеми и лешници, но може што било)
- 100 g овесни снегулки
- 2 лажици какао
- 2 лажици мед (ако сакате поблаго може и 3)
- 100 ml овесно млеко или кое било друго млеко
- 4 лажици кокосови трошки
- ½ лажичка арома рум
- малку кокос и какао за валкање.
Начин на подготовка:
Во блендер или сецко ставете ги првин јаткастите плодови и овесните снегулки за да станат како брашно. Потоа во длабок сад измешајте ги заедно со сите други состојки и формирајте топчиња. Валкајте ги по сопствена желба. Јас половината ги валкав во кокосови трошки, а другата половина во какао.
Вистинско уживање се!
Од нутритивен аспект 1 бомбица има околу 99 калории, 7.7 g јаглехидрати, 6.9 масти и 2.5 протеини.

Нутритиентите се одлично избалансирани така што 2 бомбици се сосема доволни за да ги задоволат потребните енергетски потреби за една квалитетна ужинка.
Добар апетит!








