Home Рецепти Здрави десерти Чоколадни крцкави коцки

Чоколадни крцкави коцки

173
0

Овој здрав десерт можете да го направите на два начина: сирова варијанта без печење или печена крцкава варијанта. Јас избрав да го печам (сушам) кратко, затоа што сакав да добијам нешто малку поразлично.

Резултатот беше навистина фантастичен, иако бев малку скептична како ќе излезе.

Од оваа количина на состојки јас добив 10 коцки.

Потребни состојки:

  • 100 g несолени и непечени бадеми
  • 80 g овесни снегулки
  • 50 непечен сончоглед
  • 40 g кокосово масло (околу 3 лажици)
  • 50 g мед (околу 3 лажици)
  • малку ванила

за чоколадниот дел:

  • 100 g темно чоколадо
  • 2 лажици кокосово масло
  • 3 лажици путер од лешник (може да ставите и друг путер од јатки)

Подготовка:

Во блендер или процесор ставете ги првин бадемите, снегулките, сончогледот и ванилата, и блендирајте додека не добиете хомогена смеса. Потоа додадете ги кокосовото масло и медот, и продолжете со блендирање. Смесата ќе стане сипкава, но леплива.

2/3 од смесата натапкајте ја во сад во кој ќе ставите хартија за печење, за да можете после лесно да извадите. Јас користев силиконско правоаголно плехче. Другата 1/3 од смесата оставете ја за одозгора.

На тивок оган стопете го чоколадото заедно со кокосовото масло, и истурете ја таа смеса врз натапканата кора. Одозгора врз чоколадото ставете го путерот од лешник и остатокот од смесата од кората. Покријте со фолија и ставете во загреана рерна на 160°С да се суши околу 25-30 минути. Не ја вадете фолијата затоа што може лесно да изгори одозгора. Кога ќе го извадите, оставете да се излади, па ставете го во фрижидер да се стегне (не во замрзнувач, во обичниот), па дури тогаш сечете го .

Наместо печење, може да го ставите само во фрижидер, и да почекате да се стегне чоколадниот дел. И така ќе биде превкусно.

На здравје! 🙂

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here