Интегрална галета полнета со спанаќ

Споделете со пријателите

Дефинитивно оваа галета ќе биде нешто што ќе го правиме дома почесто затоа што излезе неверојатно вкусна и крцкава.

Највоодушевена беше Ана. Не сте свесни со колкав сласт јадеше, а и неколку пати повтори “Мама ова е многу убава пита”.

Подготовката е многу лесна и брза и за кратко добивате вкусен ручек, појадок или вечера.

Потребни состојки:

за тестото:

  • 200 g интегрално пченично брашно
  • малку сол
  • 100 ml маслиново масло
  • 50 ml вода
  • 50 g или една голема лажица грчки јогурт (може и павлака или кисело млеко)

фил:

  • 200 g спанаќ (може свеж обарен и ситно насечкан, јас користев замрзнат)
  • 2 јајца
  • остатокот од грчкиот јогурт – околу 130 g или 3 лажици
  • 100 g кашкавал
  • 6-7 маслинки
  • по 1 голема лажица од сите овие семиња: ленено семе, семки од тиква, сончоглед и интегрален сусам.

Начин на подготовка:

Можете да го видите на видеото, но еве и краток опис.

Состојките за тестото ги мешате сите заедно. Ќе добиете компактна смеса што ќе може да се направи во топче кое ќе може да го извлечете со сукало во кора. Во случај да е леплива смесата додадете уште малку брашно, но мене со овие мерки ми излезе одлично.

Кога со сукало ќе ја влечете во кора задолжително ставете ја на хартија за печење за да можете после лесно да префрлите во плехче.

Префрлете и гледајте да имате остаток од тестото по краевите за на крај да можете да го превртите тој дел (ќе видите на видеото).

Во друг сад измешајте ги спанаќот, јајцата и грчкиот јогурт. Истурете ја оваа смеса врз кората, додадете ги ситно насечнаите маслинки, изренданиот кашкавал и наросете со по 1 лажица од сите 4 семиња. На краевите со вишокот тесто затворете ја галетата. Печете во загреана рерна првин 10-12 минути на 180С а потоа намалете на 160, покријате со фолија и печете уште 15-тина или 20 минути за да стане крцкаво.

И ете толку… не знаете колку е вкусно….мјаааам 🙂

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *