Од старт да ви кажам да си направите дупла затоа што јас едвај успеав да ги сликам 😊
Одлични се за ужина и тоа особено за дечиња (можат да ги држат сами, да јадат и да уживаат).
Изобилуваат со убави, здрави и нутритивни намирници.
Ваквите десерти се многу повеќе од само десерт и слатко уживање затоа што покрај тоа што си ја заситувате желбата за слатко вие во телото внесувате и многу витамини, минерали, антиоксиданти и многу други хранливи состојки.
Потребни состојки:
- 100 g суви урми
- 50 g сува брусница
- 2 лажици путер од јатки (било каков, јас користев мешавина од лешник бадем и кикиритки)
- 50 g темно чоколадо
- 50 g сусам
- 100-120 g овесни снегулки
Начин на подготовка:
Урмите и сувата брусница прелејте ги со топла вода и оставете ги околу 30 минути до 1 час да омекнат убаво (ако имате време можете и со ладна, ама ќе треба да ги оставите подолго).
Овесните снегулки и сусамот ставете ги во блендер за убаво да ги иситните. Потоа во блендерот додадете ги омекнатите урмите и брусница и блендирајте кратко. Не го мачете многу блендерот затоа што смесата е густа, блендирајте малку и кратко само колку да се соедини се. Тргнете на страна во друг сад и додадете го путерот од јатки и чоколадото кое претходно ќе го стопите.
Измешајте убаво, потребно е да добиете густа смеса.
Овесни снегулки можеби ќе можете да додадете и малку повеќе, ќе видите колку упива смесата (ставете првин 100 g). Потребно е на крај да направите едно големо топче кое ќе можете со сукало да го извлечете во тенка кора.
Реално од ова можете да направите и бомбици, но јас заради Ана повеќе ги сакам како барови.
Чувајте ги во замрзнуавч за да останат свежи подолго време и секако да бидат поцврсти кога ќе ги јадете. Поради природата на состојките не можат многу да замрзнат, по вадење од замрзнувач им требаат 3-5 минути за да можат да се јадат.
Ќе ве очекувам со слики 😊









