Интегрални крцкави стапчиња

Споделете со пријателите

Овие стапчиња ми беа планирани да бидат ѓевречиња ама некако смесата беше поинаква од што планирав и затоа пренамената во стапчиња беше вистински соодветна.

Финалниот резултат беа овие совршено крцкави стапчиња кои сигурна сум дека ќе ги правам почесто. Ана ги обожава, кога ги проба без размислување изеде 3 и дури сакаше и уште.

Потребни состојки:         

  • 200 g интегрално пченично брашно (може да се замени и со друго)
  • 200 g овесни снегулки
  • 3 лажици чиа семе
  • 1 кесичка квасец (7 g)
  • 120 ml млака вода
  • 100 ml маслиново масло (може да се замени и со путер)
  • 1 лажичка сол и зачини по желба
  • сусам за одозгора.

Начин на подготовка:

Најпрвин овесните снегулки измелете ги во блендер за да станат брашно.

Потоа во подлабок сад измешајте ги брашното, снегулките, чиа семето, солта и зачините.

Во друг сад измешајте го квасецот заедно со млаката вода и во таа смеса додадете од смесата од брашната 1-2 лажици. Измешајте убаво и оставете на тополо малку квасецот да нарасне (околу 15-тина минути).

Потоа во смесата со брашна истурете ја смесата со квасецот и додадете го маслото. Убаво соединете.

Доколку има потреба додадете уште малку вода, а ако смесата е ретка додадете малку брашно или овесни снегулки.

Финалното тесто потребно е да не се лепи на рацете.

Обликувајте топчиња и тегнете ги во тенки стапчиња.

Печете ги на хартија за печење во загреана рерна на 170-180˚С околу 10-12 минути. Следете ги да не прегорат затоа што печењето зависи од вашата рерна. Можете да ги оставите да се изладат во топлата рерна и на тој начин ќе бидат уште по крцкави.

Совршени се за ужинка, но и за комбинации во различни оброци. Одлично се комбинираат со хумус, маслинки, свежа салата и малку кашкавал.

До следно готвење 🙂

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *