Овој десерт излезе сосема случајно бидејќи бев решена цел ден да јадам жива и непроцесирана храна. Желбата за нешто слатко решив да ја задоволам со прекрасен домашен нутела крем на кој мислам дека можам да специјализирам, го имам направено милион пати и секогаш е сè подобар од претходниот! 🙂
Зрелите кајсии кои стоеја на масата изгледаа повеќе од привлечни и затоа решив да ги спојам со мојата нутела.
Резултатот беше фантастичен!
Овој десерт е одличен за сите генерации. Ќе ви ја задоволи желбата за благо, а притоа ќе го наполните телото со многу витамини и многу минерали. Во нутелата додадов и 1 лажичка мака во прав со цел да го направам десертот уште поздрав и уште похранлив (повеќе за оваа моќна суперхрана, прочитајте тука).

Потребни состојки:
- 6-7 зрели кајсии
за кремот (здрава нутела):
- 100 g непечени лешници
- 1 лажица какао
- 1 лажица рогач (опционално, може да се замени и со какао)
- 1 лажичка мака во прав (опционално, не мора да се додаде, јас додадов за поголема хранливост)
- 2 лажици стопено на пареа кокосово масло
- 2 лажици вода или бадемово млеко
- 2 лажици мед.
Начин на подготовка:
Лешниците ставете ги во блендер или сецко, затоа што е потребно да бидат ситно сомелени. Потоа ставете ги во еден подлабок сад и во него додадете го какаото, рогачот и маката, и убаво соединете ја смесата. На крај додадете го медот, кокосовото масло и сосема малку вода или бадемово млеко. Убаво измешајте дури не добиете убав густ крем. Доколку е многу густо слободно додадете уште малку водичка.
Кајсиите пресечете ги на половинки и извадете им ги семките, во секое дупче ставете малку од кремот. Одозгора доколку сакате наросете малку ленено и чиа семе.
Кремот што ќе ви остане слободно чувајте го во фрижидер, можете да го комбинирате со што било. 🙂
На здравје!
Повеќе идеи за здрави десерти, пронајдете тука.








