Колач со јаболка

Споделете со пријателите

Есента помина, а јас не направив ни еден колач од јаболка, а цело време имав на мисла ама никако да дојде редот.

Вчера конечно му дојде и ред и време и еве го рецептот.

Лесно, брзо и едноставно, а превкусно. Додека се пече мириса преубаво, а финалниот резултат е сочен и неодоливо вкусен колач. Нема да ми верувате ако ви кажам дека има само уште едно парче од синоќа 😊

Состојки:

  • 4 средни јаболка
  • 1-2 лажички цимет
  • сок од еден портокал
  • 1 лажица путер од лешник (опционално)
  • 2 јајца
  • 70 g кокосов шеќер
  • 100 ml млеко (јас користев бадемово)
  • 200 g брашно од спелта (можете да ставите и било какво друго)
  • 1 лажичка пециво
  • 3 лажици маслиново масло.

Подготовка:

Подготовката може да ја видите на видеото, но еве краток опис подолу.

Јаболката ги лупоте и ги сечкате на ситни парченца. Ги наросувате со циметот, ги прелевате со сокот од портокал и со путерот од лешник и мешате. Потоа ги ставате во плехот во кој ќе печете и преминувате на подготовка на смесата со брашното.

Јас го правев колачот во силиконско калапче со дијаметар 24 cm за да можам да го извадам полесно. Ако не користите такво, задолжително ставете хартија за печење.

Во подлабок сад изматете ги јајцата и кокосовиот шеќер со мискер и во таа смеса полека додадете го млекото. На крај полека додадете го брашното во кое ќе го измешате пецивото. Последно го додавате маслото и мешате убаво. Ја излевате содржина врз јаболката и ставате да печете во загреана рерна на 170С околу 7-8 минути, потоа намалете на 150С и покријте го колачот со фолија или со капак па оставете уште 20тина минути да се пече. Во секој случај следете го печењето зошто секогаш потенцирам дека секоја рерна е различна. Кај мене вака се испече многу добро.

Ви гарантирам дека ќе уживате во вкусот 😊

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *