Тортава не е ништо иновативно, баш е комбинација од претходни рецепти, но е доста поедноставена за правење, зашто има само кора и еден слој, а измеѓу нив џем од сливи. Не чекате ништо да се стегнува, едноставно редите, ставате во замрзнувач и толку!
Ја правев во силиконско калапче со дијаметар 21 cm (нарачано ми е од алиекспрес). Ова е малку помало од тоа стандардно што го користам (тоа е 24 cm).
Од тортата јас извадив 12 парчиња.
Прв слој (кора):
- 100 g непечени бадеми
- 100 g овесни снегулки
- 100 g урми (киснати во вода барем 1-2 часа)
- 3 лажици кокосово масло
- малку ванила (по желба).
Средниот слој е џем од сливи без шеќер (ставив 3-4 големи лажици).
Фил со боровинки:
- 150 g непечени индиски ореви (киснати во вода минимум 1-2 часа)
- 100 g урми (киснати во вода барем 1-2 часа)
- 50 ml бадемово млеко
- 300 g боровинки (можете слободно да ставите и друго овошје)
- 50 ml вода во која растворив 1 лажичка агар-агар и ја затоплив на оган за да се активира (наместо агар-агар можете да ставите желатин, ама половина ќесичка – ако користите желатин следете го упатството
како се активира).
Подготовка:
За подготовка на филот во процесорот првин ги ставив бадемите и овесните снегулки за да се измелат убаво, потоа ги додадов урмите, ванилата и кокосово масло, и блендирав додека смесата не почна да се соединува и да се лепи.
Ја натапкав во силиконското калапче и одозгора ставив од џемот од сливи.
За подготовка на филот од боровинки сите состојки заедно ги ставив во блендер, но бледнирав подолго за убаво да се соединат и да стане филот баш кремаст. Последен го додадов агар-агарот растворен во водата и загреан како што напишав погоре. Откако го додадов агар-агарот бледнирав многу кратко, само да се соедини.
Истурив врз џемот од сливи и оставив преку ноќ во фрижидер.
Следен ден украсивме со боровинки и малини и дувавме! 😊

Коментарот на Дарко и сестра ми беше дека ова е најубавата торта до сега, иако они двајца секогаш викаат така. 😊
Добар апетит!








