Наутот во суштина е толку неутрален, што совршено се вклопува и во солени и во благи рецепти.
Во 100 g наут има околу 350 калории, 20 g протеини, само 6 g масти, околу 60 g јаглехидрати од кои 18 g отпаѓаат на диететски влакна. Наутот исто така содржи и голем процент на железо, витамин Б6, магнезиум и калциум.
Хумусот е моментално најпознатиот деликатес направен од наут, но и во блага верзија наутот е совршен!
Потребни состојки (за околу 22-23 наут коцки – зависи од големината):
за основата:
- 200 g сиров наут (киснат во вода околу 8 часа, па кратко обарен)
- 200 g суви урми, киснати во вода минимум 4 часа
- 50 g кокосови трошки
- 5 лажици кокосово масло
- 1 лажичка рум или ванила
- 1 лажица некој путер од јатки (јас користев од лешник)
за карамел-чоко фил:
- 1 лажица мед
- 3 лажици путер од јатки (јас користев од лешник, но може и од кикиритки)
- 1 лажичка какао
за чоколадна глазура:
- 150 g темно чоколадо
- 2 лажици кокосово масло.
Начин на подготовка:
Ако користите наут од конзерва не треба ништо да правите со него, може директно да го блендирате, ама во таков случај ќе ви требаат 400 g, затоа што количината од 200 g се однесува на сиров наут кој кога се кисне и вари прима вода.
Ставете го наутот заедно со урмите во блендер и соединете ја смесата. Сместа е прилично густа, така што можете да му помагате на блендерот и со една лажица. Кога ќе се соединат наутот и урмите ставете ги во подлабок сад и таму додадете ги кокосовото масло и трошки, ванилата или румот и путерот од јатки. Со лажица соединете убаво. На хартија за печење во коцкасто плехче распоредете ја смесата.
Во друг сад измешајте 1 лажица мед со 3 лажици путер од јатки и 1 лажичка какао, соединете убаво и истурете ја содржината врз натапканата смеса рамномерно.
Оставете во замрзнувач да се стегне (околу 2 часа). Извадете и со нож направете коцки. Секоја коцка валкајте ја во чоколадната глазура. Одозгора за декорација јас ставив уште малку путер од лешник. Вратете ги коцките во замрзнувач и така чувајте ги. За да можете да ги јадете доволно е да ги извадите само 5 минути на собна темперира.
Значи врв се, ако не знаете дека има наут, нема да може ни да претпоставите! 🙂








