Со Ана се “мачкавме” низ кујна и направивме преубав овесен колач со кајсии и сок од портокал. Колачот е посен и се подготвува од едноставни намирници.
Може да биде супер опција за појадок, а секако и здрава ужинка за цело семејство!
Ако не сте ни направиле subscribe на нашиот канал на youtube, направете го тоа. 🙂
Како одеше подготовката ќе видите на видеото, но за попрецизно еве ги состојките:
- 200 g суви кајсии насечкани на четвртинки
- 400 ml сок од портокал (исцедив 5 портокали)
- 220 g овесни снегулки
- 2 лажици семки од сончоглед
- 2 лажици интегрален сусам
- 3 лажици кокосово масло
- 50 g темно чоколадо стопено со малку кокосово масло за прелив одозгора (не е задолжително).
Подготовка:
Сувите кајсии и сокот од портокал ги ставивме на оган на тивко околу 15-20 минути да се згуснат убаво. Кога смесата стана густа, со рачен блендер убаво ја соединив. Можете и со било каков, само почекајте малку да се излади да не го расипете.
Во друг сад ги измешавме овесните снегулки, сончогледот и сусамот, во оваа мешавина ја додадовме смесата од сок од портокал и кајсии, па додадовме 3 лажици кокосово масло. Убаво соединивме и во плечхче со хартија за печење ја натапкавме смесата.
Колачот се пече на 180°С околу 10-15 минути.
Кога беше готов одозгора му ставив малку стопено чоколадо за декорација, и наросив кокосов чипс.
Значи пре, преубаво! Јас не додавав плус засладувач, некако доволна ми е блажината од кајсиите, ако сакате поблаго ставете 1-2 лажици мед или било кој друг засладувач.
Праќаме љубов. 😊 До следно готвење!








