Колачињата не се ништо генијално, но се преедноставни за правење. Можат да бидат супер ужинка или пак дури и појадок. Немаат брашно, млеко, нити јајца.
Од состојките излистани подолу ние добивме 14 колачиња.
Еве што ставивме:
- 200 g мелени овесни снегулки
- 1 и пол зрела банана – ако ви се помали бананите може и 2 или само 1 поголема
- 2 лажици путер од кикиритки
- 1 или 2 лажици мед – зависи колку благо сакате да биде
- 2 лажици маслиново масло
- малку цимет
- 50-тина g суво грозје
за одозгора:
- околу 50 g темно чоколадо
- кокосови трошки
- мелени бадеми.
Подготовка:
Подготовката е опишана подолу, а можете да ја видите и на видеото.
Се мешаат сите состојки заедно и од смесата формирате топчиња како бомбици. Ги ставате топчињата на хартија за печење, и со виљушка претходно натопена во вода (за да не се лепи) потиснувате од горе. Ги печевме кратко, околу 12-тина минути, и тоа јас печев на 160°С со вклучен вентилатор. Во однос на печењето ќе морате да ги следите, но тоа е правилото – не многу долго и не на многу јако.
За да ги декорираме одозгора, стопив темно чоколадо и врз секое колаче ставивме малку, и додека сè уште беше топло чоколадото, за да се залепи, наросив кокосов чипс и мелени бадеми.

Уживање беа! 🙂 Дефинитивно ќе ги правиме повторно.








