Роденденска здрава Торта АНА

Споделете со пријателите

Конечно еве ме со роденденската торта на Ана.

Не знаев какво име да и дадам ама мислам дека најсоодветно е Торта Ана 😊 така и вие и јас ќе знаеме за која се работи зошто ги имам веќе неколку.

Торта Ана беше од 3 слоеви и кора. Подолу е деталниот рецепт што точно има во секој слој и кратко за подготовката. За жал, заради околностите немам видео, ја правев тортата со прекини во 2 дена и не успеав да снимам.

Инаку имавме две торти, една за дување и украсување и една за гостите која уште од дома ја насеков на парчиња. Количината на намирници и рецептот е за поголемата која ја правев во кружно плехче со дијаметар 24 cm и од која извадив точно 16 парчиња.

кора:

  • 200 g непечени бадеми
  • 80 g овесни снегулки
  • 4 лажици бадемово млеко (може и било каквo, па дури и вода)
  • 4 лажици сируп од урма (може мед)
  • 4 лажици кокосово масло
  • малку ванила (по желба)

За подготовка на овој слој првин ставете ги во блендер бадемите и овесните снегулки па кога ќе станат како брашно додадете ги другите состојки. На крај натпакјте се во силиконско кружно плехче или пак во обично ама ставете му хартија за лесно да одлепите на крај.

прв – чоколаден слој:

  • 250 ml бадемово млеко или било какво  
  • 50 g кокосов шеќер
  • 100 g темно чоколадо
  • 50 g путер од лешник oд Fit Delights – нарачајте си тука
  • 1-2 лажички агар-агар (може да се замени со желатин)

Млекото заедно со кокосовиот шеќер ставете ги на тивок оган да се соединат, потоа во оваа смеса додадете го чоколадото и мешајте додека не стане хомогено. На крај додадете го путерот од лешник и агар-агарот и мешајте на загреаната рингла уште 1-2 минути за да се активира агар-агарот, па потоа излијте го филот врз кората и оставете во замрзнувач да се стегне пред да поминете на вториот слој.

втор – јагода слој:

  • 400 g замрзнати јагоди
  • 2-3 лажици сируп од урма
  • 1-2 лажичка агар-агар.

Јагодите оставете ги да се размрзнат за да омекнат и заедно со сирупот од урма ставете ги во блендер. Потоа целата смеса ставете ја на оган во огноотпорен сад и додадете 1-2 лажички агар-агар и мешајте додека не почне тивко да врие. Агар-агарот е всушност “желатин” од растително потекло кој многу лесно ги гелира смесите, но за да гелира мора да се загрее на повисока температура. Овој слој го истурате врз вториот кога вториот ќе се стегне. Во замрзнувач му треба некаде околу 1 до максимум 2 часа.

трет – бел слој:

  • 60 g кокосов шеќер
  • 1 конзерва кокосово млеко (400 g)
  • 150 g непечни индиски ореви (киснати во вода)
  • малку ванила (по жлеба)
  • 1 лажичка агар-агар.

Кокосовиот шеќер и кокосовото млеко ставете ги на тивок оган да се соединат убаво, во таа смес апотоа додадете го агар агарот и мешајте кратко. Тргнете на страна и почекајте малку да се залади па потоа заедно со индиските ореви и малку ванила изблендирајте ја целата смеса во блендер. Истурете го третиот слој врз вториот, но пред тоа почекајте го вториот слој да се стегне исто како и претходно.

Тортата вака подготвена ставете ја во замрзнувач и почекајте ја да се стегне убаво. Потоа извадете почекајте ја малку за да може да се сече и исчете ја на еднакви парчиња. Јас секое парче го декорирав посебно со темно стопено чоколадо, мелени бадеми и сушени гоџи бобинки.

Кога ќе ја насечете и декорирате можете да ја чувате и во обичниот фрижидер затоа што слоевите се стабилни и цврсти заради агар агарот.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *