Појадок од цели зрна овес

Споделете со пријателите

Варената овесна каша направена со овесни снегулки е нешто што барем 2 пати неделно го имаме на мени за појадок (и за мене, и за Ана). Омилена ми е затоа што се подготвува најбрзо на свет, но дополнително ја имам и слободата да и додавам се што сакам. Тука можам да “сокријам” и некои намирници кои во нативна варијанта не и се баш најомилени на Ана.

Како ја подготвувам овесна каша имам детална објава кој можете да ја видите подолу.

https://www.instagram.com/p/B8nyQ5IHCAe/

Денес сакам да ви споделам еден фантастичен појадок од цели зрна овес, значи не станува збор за овесни снегулки, тука за цели зрна. Можете да ги купите од сите подобро снабдени маркети, јас купувам од Тинекс и од Zegin Healthy Food.

Целото зрно овес е навистина многу хранливо, содржи сложени јаглехидрати, влакна, протеини и многу малку масти. Дополнително поради тоа што го консумираме во целост со лушпата ги содржи скоро сите Б витамини, содржи и поголема количина на железо, калциум магнезиум и цинк како и многу други важни минерали кои ги има во помала концентрација, но сепак се присутни.

Како ги подготвувам зрната овес?

Навечер ја одделувам потребната количина, обично за мене ставам 3 полни лажици, а за Ана 2. Ги прелевам со вода и оставам да се киснат преку ноќ. Така ќе се раствори фитинската киселина која се однесува како антинутритиент кој ги врзува хранливите состојки.

Следното утро ја фрлам водата, додавам нова вода во поголема количина (не мерам) и оставам на оган да се вари. Ги оставам да се варат на тивко некои си 10-15 минути. Ќе видите кога ќе омекнат се готови. Вишокот вода ја фрлам и ги процедувам. На тој начин зрната се спремни. Можете да направите и поголема количина и да си чувате во фрижидер и за следните неколку денови.

Што додавам најчесто?

Конкретно во чинијата од сликата има:

  • 1 мала лажичка мед
  • 2 лажици путер од јатки (како замена може и 30-тина грама сирови јатки)
  • ¼ јаболко
  • 2 свежи смокви
  • свежи боровинки.

Тоа е тоа мешам се заедно и појадокот е спремен!

Ова е одличен појадок кој можете да си го земете и со себе на работа.

Друга опција е да си направите овошен јогурт  или пак можете да ги направите и во солена верзија додавајќи ги во свежа салата, на тој начин ќе ја збогатите салатата и ќе ја направите вистински нутритивен оброк. Секако опција се и палачинките со просо.

Гответе и јадете со љубов 😊

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *