Home Рецепти Здрави десерти Полнети посни енергетски бомбици

Полнети посни енергетски бомбици

137
0

Овие бомбици се паралела на колачињата од пред некој ден, состојките се скоро идентични, но главната разлика е што овие полнети бомбици се посни и не се печат.

Се подготвуваат многу лесно и брзо, и за помалку од 20 минути имате одличен здрав десерт или ужинка.

Можат да бидат супер надополнување на божиќната трпеза.

Бидејќи може да се случи да немате во моментот некои од состојките (денес е неработен ден), до секоја состојка ќе ви пишам некоја алтернатива.

Потребни состојки:

  • 150 g непечени и несолени бадеми (може и кои било други несолени јатки)
  • 100 g интегрален сусам (може да се замени со кокосови трошки)
  • 100 g овесни снегулки (може да се стават какви било снегулки)
  • 10-тина суви сливи – киснати во вода околу 2 часа или во топла вода 30 минути (може да се заменат со кое било суво овошје)
  • 2 лажици путер од лешник, или од кои било јатки (може да се замени со кокосово масло)
  • 1 лажичка какао (не е неопходно)
  • 1 лажица мед (доколку немате мед кој било друг засладувач може)
  • 3-4 лажици кокосово млеко, или кое било друго билно млеко (може и со некој природен сок)
  • 2-3 лажици каков било џем по желба (јас користев од малини).

Начин на подготовка:

Најпрвин во блендер ставете ги заедно бадемите, сусамот, овесните снегулки и какаото. Убаво измелете ги, смесата ќе се соедини и ќе стане еднолична.

Со рачен или со обичен блендер изблендирајте ги и течните состојки (сувите сливи, путерот од лешник, медот и кокосовото млеко) кои имаат за цел да ја врзат смесата.

Кога убаво ќе се соединат течните состојки спојте ја течната смеса со сувата смеса.

Доколку таа смеса ви личи многу густа додадете уште малку билно млеко, а ако е ретка додадете овесни снегулки. Можете да почекате 10-15 минути пред да правите топчиња затоа што тоа е доволно време овесот и другите состојки да впијат малку од влагата и многу полесно да се обликуваат.

Направете топчиња и на секое топче одозгора со прст направете му дупче. Во дупчето ставете џем по желба.

Уживајте во овој прекрасен здрав десерт заедно со најблиските.

На здравје! 🙂

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here