Полнети посни енергетски бомбици

Споделете со пријателите

Овие бомбици се паралела на колачињата од пред некој ден, состојките се скоро идентични, но главната разлика е што овие полнети бомбици се посни и не се печат.

Се подготвуваат многу лесно и брзо и за помалку од 20 минути имате одличен здрав десерт/ужинка.

Можат да бидат супер надополнување на божиќната трпеза.

Бидејќи може да се случи да немате во моментот некои од состојките (денес е неработен ден) до секоја состојка ќе ви пишам некоја алтернатива.

Потребни состојки:

  • 150 g непечени и несолени бадеми (може и било кои други несолени јатки)
  • 100 g интегрален сусам – може да се замени со кокосови трошки
  • 100 g овесни снегулки – може да се стават било какви снегулки
  • 10-тина суви сливи (киснати во вода околу 2 часа или во топла вода 30 минути) – може да се заменат со било кое суво овошје
  • 2 лажици путер од лешник или од било кои јатки (може да се замени со кокосово масло)
  • 1 лажичка какао – не е неопходно
  • 1 лажица мед – било кој друг засладувач ако немате мед
  • 3-4 лажици кокосово млеко – било кое друго билно млеко, но може и со некој природен сок
  • 2-3 лажици било каков џем по желба – јас користев од малини.

Начин на подготовка:

Најпрвин во блендер ставете ги заедно бадемите, сусамот, овесните снегулки и какаото. Убаво измелете ги, смесата ќе се соедини и ќе стане еднолична.

Со рачен или со обичен блендер изблендирајте ги и течните состојки (сувите сливи, путерот од лешник, медот и кокосовото млеко) кои имаат за цел да ја врзат смесата.

Кога убаво ќе се соединат течните состојки спојте ја течната смеса со сувата смеса.

Доколку самата смеса ви личи многу густа додадете уште малку билно млеко, а ако е ретка додадете овесни снегулки. Можете да почекате 10-15 минути пред да правите топчиња затоа што тоа е доволно време овесот и другите состојки да впијат малку од влагата и многу полесно да се обликуваат.

Направете топчиња и на секое топче одозгора со прст направете му дупче. Во дупчето ставете џем по желба.

Уживајте во овој прекрасен здрав десерт заедно со најблиски!

На здравје 🙂

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *