Овие пченкарни колачиња се посни, многу брзи и лесни за подготовка.
Од намирниците излистани подолу ќе добиете околу 35 колачиња. Не очекувајте да се крцкави, меки се, ама совршено се комбинираат со хумус и маслинки или пак со грчки јогурт и зеленчук.
Состојки:
- 100 g овесни снегулки
- 100 g пченкарно брашно
- 30 g сончоглед
- 30 g ленено семе
- 30 g сусам
- 30 g семки од тиква
- 3 лажици маслиново масло
- oколу 150-200 ml топла вода
- 2-3 лажици доматно пире (по желба) – јас сакав да добијам пица вкус
- од зачини: оригано, сол и куркума
Подготовка:
Можете да ја видите на видеото, но подолу е и краток опис.
Ставете ги овесните снегулки, брашното и семињата во блендер додека не стане смесата еднолична и хомогена. Потоа истурете ја во подлабок сад и додадете ги сите други состојки. Мешајте додека не се формира топче кое може да се меси. Ако смесата е ретка ставете уште малку овесни снегулки или пченкарно брашно, а ако е густа додадете уште малку вода.
Извелечете го тестото со помош на сукало во тенка кора и со чаша или калапи направете форми. Јас користев чаша и ги направив кружни.
Се печат 10-15 минути на 160С.
Од нутритивен аспект се супер избалансирани и можете да ги јадете во најразлични комбинации и за појадок и за ручек и за вечера.

Едно колаче содржи околу:
- 46 калории
- 4.5 g јаглехидрати од кои околу 1 g влакна
- 2.5 g масти од кои само 0.3 g заситени
- 1.1 g протеини
Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.