30 дневен смути предизвик.
Приклучете ни се! Секој ден ве инспирираме со интересна рецепта за подготвување смути.
Ден 3
Смути со аронија
Дали знаете кои се придобивките од секојдевно конзумирање аронија? Плодовите на црната аронија се исклучително здрави и богати со многу витамини и тоа: витамин Ц, витамин Б2, Б6 и Б9, витамин А и Е и многу реткиот витамин П. Од минералите содржи: калциум, железо , калиум, молибден , фосфор и јод. Плодот на аронијата содржи и голема концентрација на антиоксиданси (танини, флавоноиди, антоцијанини, катехини). Аронијата исто така содржи и редок овошен шеќер, сорбитол. Таа е корисна за превенција од малигни заболувања, за прочистување на организмот, за подобрување на циркулацијата, за намалување на крвниот притисок и намалување на шеќерот во крвта. Исто така аронијата ја подобрува функцијата на ендокрините жлезди и го регулира излачувањето на хормоните. Особено е добра за штитната жлезда, бидејќи ја подобрува нејзината функција и го регулира излачувањето на тироидните хормони. Аронијата е добра и за органите за варење на храната. Ги намалува грчевите и болките во желудникот, го намалува воспалението на слузницата на желудникот, со што помага при лекување на чирот на желудникот и гастритисот. Аронијата ја подобрува и работата на црниот дроб и излачувањето на жолчката.
Имајќи ги во предвид лековитите својства на аронијата во продолжение ви нудиме начин како да ја вклучите во вашето секојдевно мени. Подгответе си смути со аронија.

Што ви е потребно?
за првиот дел:
- 1/2 банана
- 100 ml јогурт
- 1 мала лажичка ленено семе
- малку цимет
за вториот дел:
- 10-15 замрзнати зрна аронија
- 100 ml јогурт
- 1 мала лажичка мед
Како да го подготвите?
Ставете ги состојките во блендер и убаво измешајте. На крај ставете во чашата првин малку од светлиот дел, па потоа од темниот. Декорирајте ја чашата со парче портокал, а одозгора со уште неколку зрна аронија и малку кокос во прав.
За крај уживајте 🙂








