Роденденската торта на Ана (чоколадо/јагода/боровинка)

Споделете со пријателите

Совршенство од бои и вкусови. Тортата е прелесна, се подготвува лесно и без печење, а добивате преубаво роденденско здраво изненадување. Мислам не мора за роденден може и онака да си ја направите 😊

Потребни состојки:

основа:

  • 200 g лешници
  • 100 g овесни снегулки
  • 200 g урми (киснати во вода барем 2 часа)
  • 2 лажици кокосово масло
  • ванила и цимет.

чоколаден фил:

  • 400 ml полно масно кокосово млеко
  • 150 g темно чоколадо
  • 3 лажици путер од кикиритки

јагода слој:

  • 300 g јагоди (замрзнати, но ги оставив целосно да се одмрзнат за ако имаат многу вишок вода да се фрли)
  • 200 g индиски (киснати во вода околу 2 часа)
  • 100 g урми (киснати во вода околу 2 часа)

боровинка слој:

  • 200 g замрзнати боровинки (ги оставив на собна температура да омекнат)
  • 70-80 ml овесно млеко
  • 100 g урми (киснати во вода околу 2 часа)

за декорација:

Прасето Пепа, овчичката Сузи и мачето Кенди ги направив во калапчиња од али експрес од стопено бело чоколадо, се друго од украсувањето е импровизација, користев киви, портокал, зрна аронија и мелени ореви.

Имав друга замисла за украсувањето ама признавам не сум умешна во тоа, но среќна сум што добив насмевка и задоволно лице од Ана. Одма се фрли во акција да и го грицка увото на Пепа 😊

Начин на подготовка:

За подготовка на кората лешниците и овесните снегулки првин ги ставив во блендер за убаво да се измелат. Потоа таму ги додадов останатите состојки и мешав додека се не се соедини. Смесата ја натапкав во кружно плехче со обрач кој се вади (24 cm). За полесно да се вади одоздола го премачкав плехчето со кокосово масло.

Вториот слој е исти како тој од тартот од пред некој ден само наместо 200 g чоколадо ставив 150 g. На тивок оган се соединуваат кокосовото млеко, чоколадото и путерот од кикиритки и смесата се истура врз кората.

Пред да го направам јагода слојот ја оставив тортата во фрижидер за убаво да се затегне чоколадниот слој.

Јагода и боровинка слојот се подготвуваат така што сите состојки само се блендираат во блендер. Битно е пред да го направите боровинка слојот да ја оставите тортата во замрзнувач за убаво да се затегне јагода слојот.

И тоа е тоа.

Јас ја чував 1 ден во замрзнувач, но после дување на свеќичките ја чувам во обичниот фрижидер.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *