Home Рецепти Здрави десерти Здрава бајадера

Здрава бајадера

163
0

Речиси сите рецепти кои ќе ги најдете кај мене се лесни и брзи, но овој здрав десерт е еден од побрзите. Навистина е многу едноставно, за 10-тина минути имате здрава опција за ужинка која може да трае дури и неколку денови, а сите ја обожаваат!

Состојки (јас добив 12 поголеми бајадерки):

прв слој:

  • 150 g мешавина од бадеми и лешници (несолени)
  • 40 g интегрален сусам
  • 40 g или 2 убаво полни лажици путер од микс јатки
  • 40 g или 2 убаво полни лажици мед

чоколаден слој:

  • 100 g темно чоколадо
  • 3 лажици кокосово масло
  • 1 лажица мед
  • 1 лажица путер од микс јатки

Подготовка:

Првин во процесор ги ставив бадемите, лешниците и сусамот да се измелат убаво. Потоа го додадов медот и путерот од јатки, и мешав додека смесата не се соедини.

Кога беше хомогена, ја истурив во правоаголен силиконски калап и убаво ја натапкав. Можете во какво било плехче, ако ставите хартија за печење за да можете да извадите полесно (јас за жал кога почнав да готвам видов дека немам хартија…).

Оставете кратко во замрзнувач додека го подготвувате чоколадниот слој. Во огноотпорен сад ги ставив чоколадните капки, кокосовото масло, медот и путерот од јатки, и на многу ниска температура ги стопив и соединив. Истурив одозгора и вратив во замрзнувач уште 30 минути.

Извадив и исеков на правоаголници.

Толку! 😊 Десертот е спремен за јадење.

Јас си ги чувам во замрзнувач поради природата на состојките, кои не можат да замрзнат многу, ама кога ќе ги извадите се баш онака цврсти, ладни и супер за јадење.

Добар апетит! 🙂

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here