Одличен предлог за брз, здрав и вкусен ручек – Цели зрна јачмен со зеленчук

Споделете со пријателите

Јачменот е житарка која верувам дека на сите ни е позната, брашното од јачмен многу често се користи во интегрални лебови.

Јас прв пат користам цело зрна јачмен и навистина се воодушевив од вкусот и самата крцкавост на зрното. Овие зрна можете да ги користите и во солени и во благи оброци. Цената на јачеменот е повеќе од прифатлива. Јас купив половина килограм за околу 70 денари што ни го разбива митот дека здравата храна е скапа.

Кога се консумира како цело зрно, јачменот е особено богат извор на влакна, молибден, манган и селен. Исто така, содржи одлична количина на бакар, витамин Б1, хром, фосфор, магнезиум и ниацин.

Дополнително, јачменот содржи и лигнани, а тоа се група на антиоксиданти кои се поврзуваат со помал ризик од рак и срцеви заболувања.

Сепак, како и сите интегрални житарки, јачменот содржи антинутритиенти (фитниска киселина) кои го нарушуваат варењето и апсорпцијата на некои хранливите материи во нашето тело. Доброто е тоа што фитинската киселина се раствора во вода па со покиснување на житарките во вода пред готвење се намалува нејзината концентрација.

А сега да поминам на рецептот.

Потребни состојки (ова е количина за 3 порции):

  • 1 чаша сирови зрна јачмен
  • малку праз или 1 главица кромид
  • 7-8 маслинки
  • малку суви домати (по желба)
  • малку брокула
  • околу 100-тина g златен микс (мешавина од морков, пченка и грашок)
  • 1-2 лажици маслиново масло
  • сол и суви зачини по желба
  • 1 лажица сенф
  • марула
  • сок од лимон.

Начин на подготовка:

Јачменот најдобро е да си го ставите во вода да се кисне преку ноќ, следниот ден фрлете ја водата и варете го во нова вода кратко. Бидејќи е киснат му треба многу малку време да се свари. Јас секогаш ги варам житарките во повеќе вода, па кога ќе омекне целосно зрното, вишокот вода го фрлам.

Во тавче што не лепи ставете го сиот зеленчук (освен марулата) заедно со 2-те лажици маслиново масло и кратко династајте додека зеленчукот малку не омекне . Кога ќе омекне додадете ги сварените зрна јачмен, ставете малку сол и зачини по желба и додадете 1 лажица сенф.

Во поголема чинија ставете марула и ставете од подготвената мешавина од зеленчук и јачмен.

Напрскајте одозгора со сок од лимон и уживајте во вкусниот и здрав оброк!!!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *