Љубовта на Елена кон тиквата нема граници, па затоа еве ви уште еден прекрасен и здрав десерт со тиква од неа.
Потребни состојки:
за долниот дел:
- едно пакување интегрални или овесни колачиња
- 100 g мешавина од јаткасти плодови и семиња (семе од тиква, ленено семе, сусам, ореви, лешник)
- 25 g путер
- 2 лажици путер од кикиритки
- 2 лажици мед
за горниот дел:
- 400 g пире од тиква
- јајце
- 2 полни лажици кокосови трошки
- 12/13 урми претходно киснати во вода
- цимет, ѓумбир.
Начин на подготовка:
Најпрвин сите состојки за долниот дел сомелете ги во блендер и пробајте дали ви е доволно благо. Ако има потреба додадете 2 лажици мед. Таа смеса што ќе ја добиете треба да биде како за бомбици, ако е многу сува додајте сосема малку вода. Потоа со помош на голема лажица израмнете ја смесата во плехче.
За горниот дел најпрвин изблендирајте ги заедно урмите, пирето од тиква, циметот и ѓумбирот. Пробајте дали ви е доволно благо, ако тиквата не е блага додајте малку мед. На крај додадете го јајцето и кокосовите трошки и уште малку блендирајте.
Печете во загреана рерна 160-170˚С околу 50 минути. Следете го печењето затоа што ќе зависи од вашата рерна, потребно е одозгора да се запече и да добие малку потемна боја на краевите.
Декорирајте по желба, Елена користела портокал, калинка, јапонско јаболко, кршени ореви и кокосови трошки.
На здравје!!!









