Кога купувате путер од јатки, најбитно е да го проверите составот. Доколку путерот е направен 100% од јатки, тогаш тој е вистинскиот.
Путерот кој содржи 100% бадеми, ги содржи здравите масти, протеините и сите витамини и минерали кои ги има во целите бадеми.
Нутритивни факти во една лажица (15 g) путер од бадеми:
- калории: 85.6
- масти: 7.5 g од кои заситени само 0.5 g
- јаглехидрати: 3.7 g
- влакна: 1.6 g
- шеќери: 0.5 g
- протеини: 3.3 g
Путерот од бадеми е многу калориски густ, но содржи само околу 3.7 g јаглехидрати во 1 лажица, од кои скоро половина се нерастворливи влакна. Гликемискиот индекс на 1 лажица путер од бадеми е скоро еднаков на 0.
Во 1 лажица има околу 9 g масти, но многу малку од мастите се заситени односно само околу 0.5 g. Најголем процент од мастите, околу 5 g, се мононезаситени, а околу 2 g полинезаситени .

Како и сите други путери од јатки, и путерот од бадеми е добар извор на протеини, односно содржи околу 3.3 g во една лажица.
Содржи и висока содржина на калиум, калциум и магнезиум, a исто така претставува добар извод на витамин Е кој е одличен антиоксиданс.
Здравствени придобивки на путерот од бадеми
Споредено со путерот од кикиритки, путерот од бадеми содржи многу помалку заситени масти и има одличен ефект во намалување на “лошиот холестерол” и зголемување на “добриот холестерол” што може да помогне во подобрување на целокупното кардиоваскуларно здравје.
Путерот од бадеми е одличен и за поддршка на здравјето на коските, затоа што содржи калциум и магнезиум. Дополнително помага и за контрола на шеќерот во крвта, затоа што содржи многу магнезиум. Магнезиумот е одговорен и важен за одвивање на многу биохемиски процеси, а еден од тие процеси е контролата на шеќерот во крвта и одржување на крвниот притисок. Исто така постојат многу студии кои потврдуваат дека магнезиумот може да ја зголеми инсулинската сензитивност кај луѓе кои се со ризик да развијат дијабетес.
Путерот од бадеми содржи многу антиоксиданси (витамин Е, полифеноли и флавоноиди) кои го штитат телото од оксидативен стрес, кој е една од главите причини за појава на хронични болести и малигни заболувања и слично.
Иако путерот од бадеми е калориски густ, сепак може многу да помогне во намалување на килограми доколку правилно е искомбиниран во оброците.
Како да го консумирате?
Самиот путер е доста густ и леплив и нема да можете да го јадете самостојно, но така не е ни препорачливо, затоа што целта на путерот е да ја зголеми и збогати нутритивноста на оброците.
Еве неколку предлози како би можеле да го јадете путерот од бадеми:
- Намачкајте го на интегрално лепче и одозгора додадете малку мед или домашен џем;
- Додадете 1 лажица во вашата овесна каша или смути;
- Како прелив за палачинки;
- Искористете го во подготовка на здрави десерти;
- Како ужинка, со урми или пак со свежо овошје;
- Додадете го во омилената салата.
Како да го изберете вистинскиот путер од бадеми?
Секогаш кога купувате путери од јатки, прочитајте го составот. Доколку во путерот нема додадено ништо, односно е направен само од јатки, тогаш тој путер е вистинскиот.

По отворањето можете да го чувате на собна температура од 3 до 6 месеци.
Бидејќи природниот путер не содржи никакви адитиви и стабилизатори, може да се случи после одреден период (најчесто после 2 или 3 месеци) да дојде до одделување на масло на површината, но тоа е само знак дека путерот е 100% природен и без додатоци. Во таков случај само размешјате го со лажица и путерот е повторно спремен за консумација.








