Дознајте повеќе за нарушувањата на тироидната жлезда

Споделете со пријателите

Тироидната жлезда е дел од системот на жлезди со внатрешно лачење. Таа произведува тироидни хормони кои се многу битни за човековиот метаболизам. Тироидните хормони го регулираат телесниот метаболизам – производството на енергија од нутритиентите и кислородот – и се неопходни за круцијални телесни функции како што е правилното функционирање на срцето, мускулите и дигестивниот тракт, мозокот и скелетниот систем. Доколку тироидната жлезда е заболена, може да биде нарушено создавањето на тироидните хормони, кое се манифестира со пореметување на основните метаболни процеси. Заболувањата на тироидната жлезда не се ретки. Се проценува дека околу 350 милиони луѓе во светот имаат пореметувања на тироидната жлезда. Постојат два главни типа на нарушена тироидна функција, односно нарушено создавање на хормони на тироидната жлезда:

  1. Состојба кога тироидната жлезда не произведува доволно тироидни хормони – хипотироидизам – што резултира со успорување на телесните функции и метаболни процеси. Симптоми на хипотироидизам може да бидат слабост, малаксаност, добивање на телесна тежина, успорена работа на срцето, нетолеранција на студ, нарушен мисловен процес, депресија, констипација, болки во мускулите и зглобовите, сува и кршлива коса и нокти, нередовен менструален циклус или проблеми со фертилноста кај жените. Неретко кај оваа состојба може да се види зголемување на тироидната жлезда – гушавост.
  2. Состојба кога тироидната жлезда произведува повеќе тироидни хормони од неопходното – хипертироидизам – што резултира со забрзување на телесните функции и метаболни процеси. Симптомите на хипертироидизам се резултат на еден забрзан метаболизам и вклучуваат: слабеење, забрзана работа на срцето, вознемиреност, нервоза, проблеми со сонот, забрзана работа на цревата, мускулна слабост пропратена со тремор, потење, нарушување на менструалниот циклус. И кај хипертироидизмот тироидната жлезда често е зголемена.

Бројните студии покажуваат дека овие нарушувања се 10 пати почесто застапени кај жените, отколку кај мажите. Една од осум жени може да има проблем со функционирањето на тироидната жлезда во текот на животот.

Ова е посебно важно да се земе во предвид кај жените кои планираат бременост, бидејќи недијагностицираните и нелекувани тироидни нарушувања може да бидат една од причините за неплодност, додека  во текот на бременоста, тироидните пореметувања може неповолно да влијаат врз здравјето на мајката и нејзиното бебе. Тироидната жлезда за време на бременост треба да произведе околу 40% повеќе тироидни хормони потребни за мајката и бебето во развој. Во првите единаесет недели од бременоста, бебето во целост зависи од тироидните хормони на мајката, а дури после осумнаесетата недела од бременоста, детската тироидна жлезда е развиена и самостојно почнува да произведува тироидни хормони.

Нарушената функција на тироидната жлезда кај идните мајки го зголемува ризикот од компликации на срцето, бубрезите, нервниот систем, како и ризикот од спонтан абортус, прееклампсија и предвремено породување. Додека кај плодот тироидните пореметувања  може да доведат до нарушувања во менталниот и физичкиот раст и развој.

Затоа е многу битно жените кои имаат заболување на тироидната жлезда, штом ќе дознаат дека се бремени, веднаш да се јават на својот ендокринолог, со цел да се провери дали нивото на тироидни хормони во крвта е адекватно. Во тек на бременоста, посебно во првите три месеци, проверка на нивото на тироидните хормони треба да се прави еднаш месечно.

Доколку навреме се открие болеста и се започне адекватна терапија, луѓето со нарушена функција на тироидната жлезда може да водат нормален живот. Токму поради тоа е потребна редовна контрола на функцијата на тироидната жлезда, која може да се изведе со проверка на нивото на тироидни хормони во крвта. 

Исто така на овој линк https://www.thyroidaware.com/en/resources/symptoms_checker.html имате краток дијагностички тест со кој можете да проверите дали имате некои од симптомите на тироидните заболувања.

Третманот, доколку тироидната жлезда не создава доволно тироидни хормони, се состои од земање на заменителна терапија со тироидни хормони во вид на таблета секој ден. Доколку пак, станува збор за тироидна жлезда која лачи повеќе тироидни хормони, терапијата е со анти-тироидни лекови, лекови кои го спречуваат зголеменото лачење на тироидни хормони.

Во однос на диететскиот режим и здравиот начин на живот многу е важно нормалното количество на внес на јод. Јодот е неопходен за создавањето на тироидните хормони и правилно функционирање на тироидната жлезда.

Нашиот организам не може да произведе јод и затоа треба редовно да се внесува преку исхрана богата со јод како морската риба, морските плодови, лебот, сирењето, кравјото млеко, јајцата, јогуртот, морските алги и преку суплементи кои содржат јод. Ова е посебно важно за жените кои планираат бременост, кои се бремени или дојат, бидејќи и најмал недостаток на јод во овој период може да доведе до нарушување на создавањето (синтезата) на тироидните хормони и може да резултира со негативни ефекти при породувањето и развојот на бебето.

Дознајте повеќе на MotherBabyIodine – NO IODINE DEFICIENCY

Светската здравствена организација препорачува дневен внес на јод од 150 микрограми за жените кои планираат бременост, 220 микрограми во тек на бременоста и 290 микрограми за време на доењето.

Прочитајте ги интервјуата на медицинските експерти за справување со болести на тироидната жлезда https://staging.varus.mk/nedela-na-tiroidna-zlezda-intervjua/

Интернационалната недела за подигнување на свеста за тироидната жлезда (ITAW 25-31 Мај), е годишна кампања која веќе 13 год., се организира на глобално ниво од страна на Мерк KGaA, Дармштад, Германија во тесна соработка со Тирoидната Интернационална Федерација, и кај нас истата е помогната од компанијата Варус од Скопје, како овластен застапник на Мерк во Македонија. Кампањата на ITAW има за цел да го потенцира штетното влијание што нарушувањата на тироидната жлезда го имаат врз квалитетот на животот на луѓето кога ќе останат недијагностицирани и истовремено се залага за подобрување на тестирањето и дијагностицирањето на тироидните нарушувања.

Оваа година кампањата е посветена на мајките и бебињата. Фокусот е во подигнувањето на свеста за одржувањето на здравјето на тироидната жлезда и затоа Ве повикуваме да ни се придружите во овој потфат. Информирајте се и споделете ги вестите за оваа важна тема и дозволете да направиме разлика во животот на луѓето кои страдаат од нарушувања на тироидната жлезда.

На сите лица со нарушувања на тироидната жлезда им порачуваме: ‘’Рашири ги крилјата – сподели свесност!’’, бидејќи со одржување на нормалната функција на тироидната жлезда можете безгрижно да го живеете својот живот!

Следете ја кампањата на социjалните медиуми:

https://www.facebook.com/ZdravjetoPrioritet/

https://www.instagram.com/alarmzasvest/

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *