Не знам дали ова е соодветното име за рецептот ама мора да има име па ајде нека стои вака 😊
Во секој случај ова е одличен, вкусен и високо нутритивен оброк. Јас дополнително направив и намаз од тиквички кој ќе ви го споделам подолу.
Потребни состојки (за околу 12 бургери):
- 200 g сиров наут или 400 g од конзерва
- 50 g црвена леќа
- 2 јајца
- 1 главица кромид
- 1 лажичка лук во прав или 2-3 чешниња свеж
- 1 мала лажичка сол
- малку магдонос
- малку маслиново масло
- 1 лажица сусам за посолување
- 2 лажици пченкарно брашно за валкање.
Подготовка:
Наутот и леќата најдобро е да ги оставите да се киснат преку ноќ. Следниот ден фрлете ја водата и кратко измијте ги. Ставете ги во блендер заедно со кромидот, лукот, солта, магдоносот и јајцата. Блендирајте кратко додека смесата не се соедини. Се формира густа смеса како паста која може да ја обликувате во топчиња. Правете топчиња и валкајте ги во пченкарно брашно, но пред да ги ставите на хартијата за печење потиснете ги одозгора.
На крај врз сите попрскајте малку маслиново масло и наросете малку сусам. Јас ги печев во загреаната рерна на 180˚С околу 12-15 минути.
Ќе видите кога ќе заруменат и испукаат малку, тогаш се готови.
Намаз од тиквички
Состојки:
- 1 тиквичка
- 2 лажици павлака
- 1 лажичка сенф
- 1 лажица маслиново масло
- ½ лажичка лук во прав или 2-3 чешниња свеж
- малку сол.
Подготовка:
Тиквичката изрендајте ја и фрлете го вишокот вода на ист начин како што тоа се прави кога правиме ќофтиња. Ставете ја потоа тиквичката во тава со маслиновото масло и со малку сол и кратко динстајте ја. Кога ќе омекне тргнете ја од оган и почекајте малку да се излади. На крај ставете ја тиквичката заедно со павлаката, сенфот и лукот во бледнер. Кратко блендирајте и ете го намазот.
Врз секој бургер ставив од намазот, парче домат, пиперка и малку морков. Дополнително наросив и малку ленено семе!

Значи оброкот е уживањее!!!









