После пицата од црвена леќа веќе е јасно дека многу работи можат да бидат од црвена леќа 😊
Овие колачиња или лепчиња, како сакате викајте ги 😊 се совршени за комбинација во повеќе оброци.
Ние ги јадевме во две верзии. Првин со домашен ајвар со маслиново масло и малку сирење, а вториот пат како мини сендвичи со хумус, кашкавал и марула.
Одлични се за појадок, но и за било кој оброк во текот на денот затоа што изобилуваат со многу хранливи состојки, витамини, минерали и влакна.
Потребни состојки (за 12-13 колачиња):
- 200 g црвена леќа (јас ја киснев кратко и потоа многу малку ја сварив и убаво ја исцедив од водата)
- 1 мал морков насечкан на коцки
- малку ситно сецкани пиперки
- 1 главица кромид
- 1 јајце
- зачини по желба (јас ставив: сол, благ буковец, лук и оригано)
- 2 лажици мешавина од 4 мелени семиња
- 3 лажици интегрално пченично брашно
- 6 лажици овесни снегулки
- малку маслиново масло за попрскување одозгора.
Подготовка:
Сите состојки ги ставив во процесорот додека убаво не се соединија.
На крај формирав колачиња со рака и ги ставив на хартија за печење. Ако смесата ви е многу ретка додадете уште малку брашно или овесни снегулки, а ако е многу густа можете да ставите 1 лажица павлака или грчки јогурт.
Одозгора попрскав со маслиново масло и ги ставив да се печат во загреана рерна на 180˚С околу 10-15 минути. Искрена да бидам не видов колку точно време се печеа. Се врткав во кујна и кога видов дека се готови ги извадив 😊 ама отприлика толку време беше 10-тина-15 минути максимум.
Можете д аги комбинирате и со таратор од кисело млеко или грчки јогурт или пак да ги јадете и само со чаша јогурт.
Уживајте во здравите оброци со сите сетила 😊
До следно здраво готвење <3
Видеото од подоготовката можете да го видите на инстаграм на мојот профил @dragana_fitlife.








