Колачиња од црвена леќа

Споделете со пријателите

После пицата од црвена леќа веќе е јасно дека многу работи можат да бидат од црвена леќа 😊

Овие колачиња или лепчиња, како сакате викајте ги 😊 се совршени за комбинација во повеќе оброци.

Ние ги јадевме во две верзии. Првин со домашен ајвар со маслиново масло и малку сирење, а вториот пат како мини сендвичи со хумус, кашкавал и марула.

Одлични се за појадок, но и за било кој оброк во текот на денот затоа што изобилуваат со многу хранливи состојки, витамини, минерали и влакна.

Потребни состојки (за 12-13 колачиња):

  • 200 g црвена леќа (јас ја киснев кратко и потоа многу малку ја сварив и убаво ја исцедив од водата)
  • 1 мал морков насечкан на коцки
  • малку ситно сецкани пиперки
  • 1 главица кромид
  • 1 јајце
  • зачини по желба (јас ставив: сол, благ буковец, лук и оригано)
  • 2 лажици мешавина од 4 мелени семиња
  • 3 лажици интегрално пченично брашно
  • 6 лажици овесни снегулки
  • малку маслиново масло за попрскување одозгора.

Подготовка:

Сите состојки ги ставив во процесорот додека убаво не се соединија.  

На крај формирав колачиња со рака и ги ставив на хартија за печење. Ако смесата ви е многу ретка додадете уште малку брашно или овесни снегулки, а ако е многу густа можете да ставите 1 лажица павлака или грчки јогурт.

Одозгора попрскав со маслиново масло и ги ставив да се печат во загреана рерна на 180˚С околу 10-15 минути. Искрена да бидам не видов колку точно време се печеа. Се врткав во кујна и кога видов дека се готови ги извадив 😊 ама отприлика толку време беше 10-тина-15 минути максимум.

Можете д аги комбинирате и со таратор од кисело млеко или грчки јогурт или пак да ги јадете и само со чаша јогурт.

Уживајте во здравите оброци со сите сетила 😊

До следно здраво готвење <3

Видеото од подоготовката можете да го видите на инстаграм на мојот профил @dragana_fitlife.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *